28. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВ

 Американскиот Мефисто Рој Кон го создава Доналд Трамп

Не знам колку луѓе во Македонија го гледале филмот или приказната за Доналд Трамп со наслов The Apprentice (2024), не знам ниту што мислат овдешните луѓе за Трамп и за тоа како ја водеше Америка во неговиот прв мандат, не знам ниту за што се залагаат луѓето кога мислат на Трамп, освен што очигледно имаат некоја матна претстава за него и Америка. 

Не знам ниту дали некој пишувал во земјава за овој филм, или можеби јас – како и секогаш (?) – сум „прва“ и „последна“ будала што критички ќе проговори за ликот и (не)делото за таа планетарно популарна американска личност, која по втор пат станува претседател на најмоќната империја на светот. 

Ајде сега да одиме со ред.

Се работи за филм на Али Абаси (Аli Abbasi), иранско-дански режисер, а сценариото го пишува Габриел Шерман (Garbriel Sherman), американски новинар и писател: денес пишува за Vanity Fair и New York magazine. Озбилни луѓе, сериозни уметници и автори. Оние кои сакаат најпрво да разберат за овие двајца, само со два клика на google ќе се открие се’ за нивната работа и проектите на кои работеле. А ние да се вратиме на филмот. 

Филмот се фокусира на крајот од седумдесетите и раните осумдесетти години од минатиот век, така што не е спорно дека се работи за огромен временски период помеѓу тогаш и денес. Свесен сум исто така дека некој млад и амбициозен човек не е исто што и возрасен, стар и искусен човек, ако тргнеме од претпоставката дека Трамп покрај тоа што е стар, големо прашање е дали низ годините присобрал некаква мудрост и искуство, во што јас лично се сомневам.

Грубо речено, улогата која на Трамп му е дадена во филмот очигледно е дека се работи за младо момче помеѓу 25 и 30 години; и тука затекнуваме еден помалку глупав и наивен Трамп (Себастијан Стен) кој се обидува да влезе во високото општество на Њујорк и’ излезе од сенката на својот татко кој во филмот ни е претставен како претпазлив, строг и авторитарен, за кого Трамп работи во неговата компанија. 

На Трамп му успева искачувањето во високите општествени класи на Њујорк, благодарение на пријателството со познатиот њујоршки предатор-адвокат Рој Кон (Џереми Стронг), така што овој успева со илегални средства да ја реши тужбата од државата која ги руши фамилијарните бизниси на Трамповци. Филмот, натаму, се фокусира и на љубовната врска со Иванка Трамп (Мариа Баскалова). 

И како некое непишано правило за сите времиња и епохи: Трамп се’ повеќе личи на својот учител Рој Кон, а потоа – почнува и’ да го надминува и прегазува. 

Кога овој филм се појави на Канскиот филмски фестивал ова лето, ниеден дистрибутер не сакал да го преземе филмот за да го прикаже во Америка, затоа што Трамп се заканувал со разни тужби за потоа, да се најде „инди-дистрибутер“, па некако успева да го дистрибуира, ама нема пари за да го рекламира, така што, сосема разбирливо – The Apprentice (2024) нема голема „помпа“ низ Америка, барем додека ги испишувам овие зборови. 

Од друга страна, филмот излезе да се прикажува некаде на 8-ми или 9-ти октомври оваа година, нецели месец дена пред изборите во Америка за кои речиси сите знаевме каков ќе биде исходот. 

Во филмот, важно е да се каже и тоа – Трамповци припаѓаат на средно-висока класа, ама сепак во основа се некои дојденци од Њу Џерси во Њујорк (или така некое слично место), делуваат како провинцијалци, или со македонски речник кажано, делуват како некои „сељаци во Њујорк“. 

„Здраво, овде е Доналд Трамп“?

„Доналд, кој“?

Или кога се сретнуваат во некој ексклузивен ресторан во Њујорк, Кон го приметува Трамп, и’ го кани на неговата маса. 

„Рој Кон, мило ми е“.

„Оној Рој Кон од сите оние весници? Да, ве познавам. Вие сте брутален“.

„Ќе ти кажам една тајна. Луѓето ме ангажираат затоа што сум победник“.

„Како победуваш“?, го прашува Трамп Кон. 

„Првото правило е едноставно: нападни, нападни, нападни“.

„Правило второ: не признавај ништо, негирај се’“.

„Правило трето: без разлика што ќе се случи – објави победа и никогаш не признавај пораз“.

И уште му вели: треба да си спремен секому да направиш се’ за да победиш.

За волја на вистината, уште од неговите почетоци, Трамп беше на медиумите, само немаше толкава моќ како што има денес. Д.Т. секогаш се служел со тужби кога ќе се нашол во непријатна ситуација; закупувал и простори на медиуми само за да им се освети на своите непријатели. 

Цел еден час од филмот ни минува како Трамп, во манирот на некој мутавко, гледа и’ впива што Рој Кон прави и зборува, кажувајќи ни отворено дека е фасциниран од тој њујоршки предатор-адвокат со име Рој Кон. Целиот филм се состои во тоа каков однос Трамп гради со Кон, и да бидам искрен – без разлика што се работи за фикција – на двајцата добро им оди. 

Сакам да кажам и тоа дека ми се допадна како Себастијан Стан го глуми Трамп, а уште повеќе ми се допадна како Џереми Стронг го глуми Рој Кон. Навистина верував како да го гледам младиот Трамп: неговата физиономија (неговото лице, насмевка, убавина, неговиот глас, збор, говор…), па се’ до неговата опскурна фрузира која е ептен плава и густа. Или со други зборови речено: Себастијан Стан навистина ја оправда улогата на Трамп. 

И можеби најважно од се’: aко се појави филм, серија или книга за њјујоршкиот адвокат Рој Кон, можеби дури тогаш би ја разбрале таа опсесивна фасцинација на Трамп со Кон, можеби дури тогаш би добиле реална слика каде, како и од кого Трамп ги добива своите формативни и идејни перспективи за себе и светот во кој се наоѓа. 

Затоа што во филмот, очигледно е дека авторитетот на својот татко не значи за Трапм ништо, дури пројавува и некоја блага омраза и презир, бидејќи цело време му се докажува и почнува сериозно да му го презема неговиот бизнис. 

Денес, повторно, на отворена сцена гледаме, како Доналд Трамп станува најопасниот човек на планетата земја, затоа што денес – по втор пат – ја има улогата на претседател на најмоќната империја на светот. Факт е исто така дека во овој втор мандат влегува со многу поголем бес и одмазда од колку што ја имаше во првиот мандат. За неговите поддржувачи тоа претставува радост и воодушевување, а за некои други претставува страв и неизвесност.

Во што ќе се претвори овој свет со Доналд Трамп, тоа е најскапото прашање на светот. Очигледно е само едно: денес се’ е изместено од зглоб. А на светот најмалку му беше потребен уште еден Доналд Трамп, само што овој пат е многу постар од претходно, и искрено речено – се плашам дека ќе биде два пати полуд од претходно. 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Текстот е личен став на Авторот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.