27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРОМОБИЗНИС

Халкбанк ќе го поддржи социјалното претприемништво со банкарски пакет развиен од студенти

Дводневна работилница за студенти од Економскиот факултет при УКИМ беше одржана во едукативниот центар на Халкбанк АД Скопје. Работилницата беше организирана во соработка со Економскиот факултет при УКИМ, YACO (Youth Actively Create Opportunities) и УСАИД, на која активно учествуваа 70-тина студенти, кои со многу труд посветено работеа на креирање банкарски пакет за поддршка на социјални претпријатија.

Присутните беа поделени во десет тимови и на крај беа избрани две победнички решенија кои на најсоодветен и најиновативен начин ќе им помогнат на социјалните претпријатија да го остварат планираниот социјален ефект и во исто време да ја подобрат својата економска одржливост.

Социјални претпријатија се компании чија главна цел не е само профит, туку и создавање позитивен социјален, еколошки или културолошки ефект. Тие најчесто се фокусираат на решавање општествени проблеми, како што се вработување ранливи групи, подобрување на условите за живот, еколошка одржливост или промовирање инклузивност во заедницата. Овие претпријатија се соочуваат со специфични предизвици, како отежнат пристап до традиционални извори на финансирање и сложени финансиски потреби, што се одразува на нивната способност да растат и да бидат одржливи.

„Социјалните претпријатија се исклучително важни затоа што имаат огромен потенцијал да решат одреден општествен проблем, да ги подобрат условите за живот и да изградат подобро и поинклузивно општество. Но, за да го остварат тоа, неопходна им е специфична финансиска поддршка. Ние во Халкбанк сме особено посветени на да им помогнеме на овие претпријатија да ги реализираат своите цели. Поддршката на социјалните претпријатија за нас не е само обезбедување финансиски пакет, туку и одговорност да придонесеме во креирањето еднакви можности за сите. Среќни сме што во овој предизвик ги вклучивме и студентите, кои несебично го вложија својот труд и идеи и понудија иновативни и креативни решенија за банкарскиот производ за финансирање социјални претпријатија“, изјави Маја Наумовска Савеска, директор на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк АД Скопје.

Работилницата имаше двоен ефект, имајќи предвид дека им овозможи на студентите директно да учествуваат и да се запознаат со процесот на креирање банкарски производ. Тие научија нешто повеќе за социјалното претприемништво, го истражуваа пазарот, дискутираа, разменуваа идеи и развија банкарски пакети. Финалните решенија ги презентираа пред жири комисија, составена од претставници на Економскиот факултет, YACO, Халкбанк и социјални претпријатија, кои ги оценуваа предложените решенија и ги избраа победниците.

Халкбанк, преку својата платформа за млади Halk EZ, посветено работи на финансиска едукација на младите, а со оваа работилница им овозможи да го доживеат процесот на создавање нов банкарски производ.

Работилницата за развој на банкарски производи за социјални претпријатија е само една од многуте иницијативи на Халкбанк за поддршка на претприемништвото и иновациите, и за унапредување на општествената одговорност во Македонија.