Европската Унија, преку проектот „ЕУ за чист воздух“ кој го спроведува УНОПС во Северна Македонија, денес донираше шест автобуси на компримиран природен гас за градот Скопје. Обезбедени во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, овие автобуси претставуваат значајна инвестиција во почист, одржлив урбан транспорт, со цел намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот низ градот.
„Донацијата на овие шест автобуси е само дел од проект вреден 10 милиони евра, кој има за цел да придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот во Северна Македонија. Автобусите, покрај тоа што ќе испуштаат помалку штетни материи, ќе помогнат и во подобрување на удобноста за граѓаните кои го користат јавниот превоз во Скопје. Ова е прв, транзициски чекор кон целосно зелен систем на јавен превоз. На долг рок, властите треба да се стремат кон тоа јавниот превоз да стане сè поприфатлива, поефикасна и поеколошка алтернатива за патување. Колку повеќе луѓе избираат јавен превоз, толку поголеми се шансите да ja заштитиме животната средина и да ги подобриме условите за живеење“, изјави Н.Е. Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија.
Овие еко-автобуси ќе се движат на внимателно планирани линии во Скопје за да опслужуваат високо-фреквентни подрачја, особено за граѓаните со специфични транспортни потреби. Целта е да се обезбеди безбеден, достапен и сигуренјавен транспорт, овозможувајќи му на секој член на заедницата подобрен пристап до основни услуги и безбедна мобилност.
Дизајнот на автобусите, произведени од најголемиот производител на комерцијални возила во Турција – BMC, се фокусира на ефикасност и одржливост. Со капацитет од 96 патници по автобус, 67 стоечки и 29 седечки места, како и посебен простор за патници со колички, овие автобуси ја отсликуваат најновата еко-технологија и ги исполнуваат стандардите на EURO 6. Се очекува автобусите да ги намалат емисиите на CO2, со проценета емисија од само 9 грама јаглероден отпечаток по километар по патник.
„Денес е посебен ден, бидејќи со поддршка на Европската Унија и УНОПС, главниот град на државата добива 6 нови еколошки автобуси. Ова е само една од активностите што се предвидени со проектот „ЕУ за чист воздух“ и со која директно делуваме на еден од детектираните извори на загадувањето. Со збогатувањето на возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатије Скопје, ги подобруваме условите за користење на јавен превоз од страна на граѓаните“, изјави Министерот за животна средина Изет Меџити.
За да се обезбедат високи стандарди на услугата, како дел од набавката спроведена од УНОПС, ЈСП ќе добие специјализирана обука од страна на производителот, што им овозможи експертиза потребна за безбедно и ефикасно управување и одржување на овие напредни возила.
„Предизвикот на загадувањето на воздухот е глобален и длабоко ги засега сите граѓани. Загадувањето на воздухот претставува предизвик за јавното здравје и квалитетот на живот, но и климатската отпорност. Секоја инвестиција во зелен транспорт, како оваа што ја правиме денес во Скопје, е инвестиција во подобра иднина за сите“, изјави претставничката на УНОПС, Микела Телатин.
Се очекува автобусите значително да ги намалат емисиите на загадувачки супстанции и да донесат значителни оперативни заштеди во споредба со постарите дизел модели кои се во употреба. Проценките се декаекој еколошки автобус на ЈСП Скопје ќе му заштеди и до 20,000 евра годишно трошоци за гориво и одржување во споредба со постарите дизел модели. Оваа промена значително ќе ги намали оперативните трошоци на градот, додека истовремено ќе придонесе за почиста животна средина.