24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ПРОМОБИЗНИС

dm ДРОГЕРИЕ МАРКТ ЗАСАДИ 400 НОВИ ДРВЈА ВО ГРАДИНКА „СОНЧОГЛЕДИ“ И ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ „СЛАВЕЈКО АРСОВ’’ ВО ШТИП

Со цел зголемување на зелените површини и во урбаните средини и поттикнување на помладите генерации да бидат активни учесници во заштитата на животната средина, денес две образовни установи во Штип, градинката „Сончогледи“ и основното училиште „Славејко Арсов“, беа хортикултурно уредени како дел од проектот ‒ „Пошумуваме заедно за позелено утре“ на dm.

Замислете ја сликата: група насмеани деца, со лопати и полни со ентузијазам, како заедно садат дрвца. Токму ова беше денешната глетка во дворовите на двете образовни установи во Штип, каде претставници на компанијата, заедно со децата од градинката и училиштето засадија речиси 400 нови садници.

Проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“ е важна иницијатива за зачувување на природата и поттикнување на еколошката свест и меѓу најмладите. Оттука, целта на оваа активност е не само да се подобри животната средина, туку и да се поттикне љубовта и одговорноста кон природата кај децата од најрана возраст.

„Во рамките на овој еко-проект, денешната активност во Штип е одличен пример за тоа како соработуваме со најмладите во процесот на создавање на поодржлива и позелена иднина. Ние веруваме дека еколошката свест треба да се гради од најрана возраст, и затоа активно вклучуваме деца од образовни установи во садење дрвја и други еко-активности. Сигурни сме дека на овој начин го будиме интересот и љубовта кон природата кај најмладите генерации. Токму тоа е и пошироката цел на овој проект – да засадиме што повеќе дрвја, но и да всадиме здрави еколошки навики. ‒ изјави Кристина Дуранска, менаџер за маркетинг и комуникации во dm дрогерие маркт.

Како дел од овој еко-проект на dm дрогерие маркт, минатата година за првпат беше организиран и реализиран ваков тип на урбано пошумување. Претставници од компанијата заедно со учениците од ОУ „Никола Вапцаров“ од Струмица го раззеленија училишниот двор, а оваа година во месец април со слични активности во кои беа вклучени и најмалите, беше хортикултурно уреден и дворот на градинката „Мајски цвет“ во Битола.

За потсетување, на 9 ноември, во рамките на проектот беа засадени повеќе од 300 нови садници во „Рајски парк“ во Скопје – о. Аеродром. Дрогерискиот ланец го започна овој проект во 2022 година, а преку своите досегашни активности засади околу 60.000 нови садници. До крајот на оваа сезона е планирана уште една голема акција, масовното пошумување кое ќе се случи оваа недела (24 ноември) во близина на езерото „Младост“ во Велес. За време на садењето доброволно ќе учествуваат вработени од компанијата dm, еколошки свесни граѓани и институционални партнери на проектот, со кои заедно ќе се пошумат 43.000 садници на 18 хектари земја. До крајот на оваа година компанијата ќе достигне јубилеен број од 100.000 засадени дрвја преку проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“.