16. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: Со новите 4000 ЛЕД светилки, 70% пониски сметки за струја

„Поставуваме ново, паметно ЛЕД осветлување на територија на Општина Центар. Станува збор за околу 4000 нови светилки коишто се поставуваат по општинските центарски улици со цел што поголема безбедност во сообраќајот, на пешаците, но и да се намали бројот на деликвентни однесувања, кражби и слично“. Ова го потенцираше градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во емисијата „Во живо – програма на градови“ на МРТВ.

Герасимовски истакна дека поставувањето на новото ЛЕД осветлување дополнително ќе ги намали и сметките за електрична енергија и очекува да се намалат до 70 проценти.

„Бараме начин самите сметки да ги намалуваме. Ние и преку сопственото претпријатие „Енергија Центар“ коешто го имаме оформено преку кое поставуваме фотоволтаици, со цел сами да произведуваме струја и ги задоволиме потребите на капацитетите во училиштата и градинките. Но, исто така и вишоците ги продаваме на слободниот пазар. Дополнително и преку поставувањето на новото ЛЕД осветлување коешто е во завршна фаза. Сега ги местиме оние паметни ормари кои треба да се постават на одредени локации и очекуваме дека сметките ќе се намалат до 70 проценти, што е значителен процент и висина на сметки коишто досега ги плаќала општината“, рече Герасимовски и додаде дека скоро во поголемиот дел на центарските улици, кога ќе се влезе од некои од булеварите во улиците во Центар се чувствува разлика во делот на осветлувањето.