Друштвото на филмските работници во Македонија преку отворено писмо до министерот за култура алармира за состојбите во македонската кинематографија.
Според нив, веќе четири месеци исклучително лошо е функционирањето на Агенцијата за филм.
„Во момент кога сме длабоко навлезени во четвртиот месец од мандатот на в.д директорката на Агенцијата за филм, период во кој снимања речиси и да нема, не е потпишан ниту еден договор за финансирање на веќе одобрени проекти, не е прегледан ниту еден извештај за наменско трошење на средства, исплатите кон тековни и веќе реализирани проекти се стопирани и во кој годинешниот конкурс за производство на филмови е поништен, радоста исчезна, а одржувањето на надежта стана невозможно. Македонските продуценти секојднево се соочуваат со притисоци и закани за меѓународни тужби и откажување на соработки, а нашата држава престанува да биде дел од европското филмско семејство. Загрозено е и нашето членство во значајни регионални, европски и светски организации и асоцијации“ се вели во писмото.
Понатаму, филмските работници изразуваат незадоволство и разочарување од износот на предвидениот буџет за филм за следната, 2025 година.
„Во време кога филмските професионалци се во немилост и страдаат за елементарна егзистенција, а филмските продукции бараат алтернативни начини да опстанат, дојде и информацијата дека во предложениот буџет за 2025та година, ставката за филм изнесува само 2.4 милиони евра, бројка која е пониска и од основниот буџет за 2024 година. Оваа вест, секој еден филмаџија ја дочекува во шок и неверување. Во изминатите неколку години ДФРМ многупати јавно укажуваше дека е потребно стандардизирање на буџетот за филм по претходно утврдени параметри, а особено во текот на 2023 година во неколку наврати алармираше дека проектираниот буџет од страна на Министерството за култура за филмската дејност за 2024 година, не е доволен за елеметарно да се покријат потребите на нашата кинематографија. Денес повторно јавно укажуваме дека предложениот буџет за филм за 2025 година не е доволен за елементарно да се покријат потребите на нашата кинематографија. Затоа бараме од Владата, од Министерството за култура и Министерството за финансии ревидирање на овој предлог и проектирање на реален буџет за филм. Воедно, како филмски автори и филмски професионалци за кои работата на филм значи се, ја истакнуваме неопходноста за кадровска консолидација во Агенцијата за филм“ пишуваат од ДФРМ и изразуваат надеж дека нивните апели ќе наидат на реакција од надлежните институции.