Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција најави дека пратеничката група на СДСМ до Собранието ќе поднесе предлог закон за Данок на додадена вредност, со кој сите производи за прехрана наместо со 5 ќе се даночат со нула проценти ДДВ.
„СДСМ поднесува Предлог Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност. Со него се предвидува укинување на ДДВ-то за прехранбените производи, односно од 5% на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за човечка исхрана или.
Ова се над 250 категории производи кои ќе бидат со нула проценти ДДВ“ рече Филипче.
Тој додаде дека за мерката СДСМ се консултирала со експерти и со претставници на бизнис секторот, додавајќи дека мерките што Владата го преземела, не дале никаков ефект.
Филипче, истовремено посочи дека неговата партија одново ќе го поднесе предлог законот за раст на минималната плата на износ од 27.700 денари, односно 450 евра.
„СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за зголемување на минималната плата на 450 евра, кој владината коалиција го одби со образложение дека нема фискални импликации. Во исто време прифати други закони поднесени на од ВМРО-ДПМНЕ без фискални импликации. Најостро го осудуваме функционирањето на Собранието по двојни стандарди и имплементирањето на пракси на делување согласно индивидуални толкувања на деловникот. Премиере Мицкоски, го поднесуваме предлог законот за минимална плата, коригиран со фискални импликации, и еве можност како што кажавте да го разгледате на Економско социјалниот совет и да го прифатите“ порача претседателот на СДСМ.