22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Битола одбележува 80 години од ослободувањето на градот

Со прием на претставници од општинската организација на Сојузот на борци во кабинетот на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, утрово започнаа општинските активности, по повод одбележувањето на „4 Ноември“ – Денот на ослободувањето на Битола.

Активностите продолжија со положување на свежо цвеќе пред Споменикот на НОВ и Револуцијата пред Центарот за култура, од страна на градоначалникот Тони Коњановски, претседателката на Советот, Габриела Илиевска, советници од Советот на општина Битола, Сојузот на борци, претставници на политички партии и делегации од збратимените градови.

Свежо цвеќе по повод денешниот празник беше положено и на Споменикот на Стив Наумов и на Партизанските гробишта во Битола.

Градоначалникот Коњановски, потсетувајќи на значењето на овој датум, испрати честитка до сите граѓани на Битола:

„Денес имаме голем ден, голем празник и јубилеј за Битола – 80 години од ослободувањето на градот. Денес оддаваме должна почит кон хероите кои ги дадоа животите во народноослободителната борба, а наша должност е да не го заборавиме нивниот спомен и истиот да остане запаметен и од младите кои ќе продолжат заедно со нас повозрасните во обновата на Битола. Нека ни е честит големиот јубилеј – 80 години слободна Битола! “, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Градоначалникот Коњановски, организираше прием и за делегациите од збратимените градови Пожаревац од Србија, Херцег Нови од Црна Гора и Плевен од Бугарија, кои по повод Денот на ослободувањето на градот гостуваат во Битола.

По повод денешниот празник, вечерва со почеток во 19:00 часот во Центарот за култура ќе се одржи Свечена академија на која ќе се доделат наградите за едногодишни достигнувања и наградата за животно дело, по што ќе следува културно уметничка програма во организација на Општина Битола.