22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Божиновска одржа работна средба со директорите и дел од раководството на АД МЕПСО, АД ЕСМ и МЕМО

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа работна средба со директорите и дел од раководството на АД МЕПСО, АД ЕСМ и Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО. Ова е прва заедничка работна средба меѓу раководството на овие три најголеми државни претпријатија од областа на енергетиката и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, која во иднина ќе се одржува на месечно ниво.

Божиновска на средбата ја истакна важноста од редовни средби и координација со челните луѓе на овие три државни претпријатија. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини дава силна поддршка и вложувања во донесувањето и имплементацијата на сите позитивни практики во доменот на енергетиката и врши усогласување со европските регулативи како дел од законодавниот пакет.

На состанокот се разговараше за состојбата во овие три државни претпријатија, мерките и активностите што ги преземаат за надминување на затекнатата лоша состојба, како и за плановите за подобрување и иден развој. На состанокот беа изнесени и предлози за подобрување на работните процеси во насока на унапредување и развој на енергетскиот сектор во земјата.

Министерката Божиновска беше подетално информирана за затекнатите проекти во овие три претпријатија, за ревизијата на истите, која е во тек, како и за финансиските обврски што секое од овие три претпријатија ги има до крајот на годината.

Се разговараше за плановите за претстојната сезона и мерките што се преземаат за да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија на граѓаните.

Генералниот директор на АД МЕПСО, Бурим Латифи, ја информираше министерката за активностите што се преземаат во насока на модернизација на постојната електропреносна мрежа, изградба на нова и модернизација на електропреносната инфраструктура.

„Како ново раководство, се соочивме со голем број постапки за јавни набавки кои не беа од суштинско значење за потребите на МЕПСО. Во духот на оптимизација, одлучивме средствата од овие постапки да ги пренасочиме кон реконструкција на командните згради на клучните трансформаторски станици во Македонија, кои се изградени пред повеќе од четириесет-педесет години. Со овие проекти ќе овозможиме значително подобрување на енергетската ефикасност и намалување на сопствената потрошувачка, што дополнително ќе придонесе кон економичноста на системот“, истакна Латифи.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, најави дека се спроведуваат серија активности со кои ќе се оптимизираат трошоците на работа, а во исто време ќе се фокусираат кон зголемување на производството на електрична енергија. ЕСМ се посветени да обезбедат сигурна, стабилна и непречена испорака на електрична енергија, нагласи Узунчев.

Управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, информираше дека МЕМО е фокусиран на успешно спроведување на планот за издавање гаранции за потекло на електрична енергија, со кој МЕМО ќе биде задолжен да го воспостави и води регистарот за нивно издавање, евидентирање на пренос, признавање, укинување или поништување.

На средбата, која се одржа во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, присуствуваа Горан Николов, посебен советник за енергетика; државниот секретар на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Горан Јовановски; претседателот на надзорниот одбор на ЕСМ, Иван Куковски; Александар Пауноски, заменик на генерален директор на МЕПСО; Анастасија Илиевска, директор за финансии на МЕПСО; Елизабета Гиовска, координатор на оддели во МЕМО; и Иван Стојановски, директор за финансиски работи на АД ЕСМ.