30. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Цената на струјата за домаќинствата најскапа во Германија, Ирска и во Данска

Цените на струјата за домаќинствата во земјите од Европската Унија во првата половина од 2024 година забележаа благ пораст во просек во однос на втората половина од претходната година. Цените се зголемија од 28,3 евра за 100 киловат-часа на 28,9 евра за 100 киловат-часа.

И покрај намалувањето на цената на енергијата, снабдувањето и мрежните услуги, кои беа намалени два отсто во споредба со втората половина на 2023 година, вкупните цени се зголемија два отсто бидејќи владите ги намалија субвенциите, таксите и даночните намалувања за потрошувачите, покажуваат податоците на Европската канцеларија за статистика.

„Евростат“ наведува дека вкупните даноци се зголемени 16 отсто во споредба со втората половина од 2023 година.

Учеството на даноците во сметките за електрична енергија се зголеми од 18,5 на 24,3 отсто – 5,8-процентни поени, а кај сметката за гас се зголеми од 22,8 на 27,4 отсто, што е зголемување за 4,6 процентни поени.

Највисоки цени на струјата, вклучувајќи ги и даноците за домаќинствата, во првата половина на 2024 година се забележани во Германија, каде што цената е 39,5 евра за 100 киловат-часа, потоа Ирска со цена од 37,4 евра и Данска со цена од 37,1 евра за 100 киловат-часа.

Најниска цена на струјата имаа унгарските домаќинства со цена од 10,9 евра за 100 киловат-часа, потоа Бугарија со 11,9 евра и Малта со цена од 12,6 евра./Извор:Makfax