24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Унија за Медитеранот: Загрижени сме поради хуманитарната катастрофа во Газа и Либан

Вчера во Барселона се одржа состанок на министрите за надворешни работи на Унијата за Медитеранот, по што организацијата со своите 43 земји членки изрази „длабока загриженост“ поради „страшната хуманитарна катастрофа“ во Појасот Газа и поширокиот регион.

„Во мојата четиридецениска служба, бев сведок како се одвиваат безброј кризи и конфликти, но никогаш не сум наишол на толку длабока трагедија како онаа што моментално му се заканува на медитеранскиот регион“, рече Насер Камел, генерален секретар на Унијата за Медитеранот.

Тој ги повика собраните министри на „итна акција“.

Унијата за Медитеранот, основана во 2008 година и со седиште во Барселона, се занимава со дијалог и соработка во Медитеранот. Нејзините проекти се насочени кон подобрување на положбата на жените и младите, создавање работни места, олеснување на трговијата и поттикнување на одржливиот урбан развој, како и заштита на животната средина и борба против климатските промени.

Но, фокусот на годишниот форум на министрите за надворешни работи беше ставен на ситуацијата на Блискиот Исток, особено на Појасот Газа и Либан, кои се на удар на израелската армија.

„Побаравме уште еднаш итен прекин на огнот во Газа, деескалација на насилството, ослободување на затворениците и непречен влез на хуманитарна помош во Појасот Газа“, изјави шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес. „Немам повеќе зборови да ја опишам ситуацијата таму“, истакна тој.

Албарес повтори дека „единственото решение за траен мир“ е она на двете меѓународно признати држави, Израел и Палестина. Во оваа насока Мадрид годинава ја призна независноста на Палестина во границите од 1967 година.

Израел втора година по ред одбива да присуствува на министерскиот состанок на Унијата за Медитеранот.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, рече дека „мора да направиме сè за да го видиме спроведувањето“ на признавањето на Палестина, а не само на декларацијата. Тој, сепак, призна дека не постои единствен став меѓу 27-те членки на Европската унија и дека некои продолжуваат да го вооружуваат Израел.

„Во Појасот Газа во моментов има два милиони гладни жители, или 90 отсто од населението, а болниците се уништени. Нема меѓународни набљудувачи“, рече Борел, мислејќи на одлуката на Израел да не дозволи персоналот на ОН и новинарите да работат во Газа.

Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади рече дека „Израел продолжува да врши воени злосторства бидејќи меѓународната заедница го дозволи тоа“.

„Неказнувањето му дозволува да изврши воени злосторства“, истакна тој и додаде дека Израел „не се придржува кон повелбите на ОН или меѓународните резолуции“.

„На север од Појасот Газа не дозволува влез на медицинска и хуманитарна помош, ја уништи болницата, ги опколи жителите, уби деца, меѓу кои и детето на шефот на болницата. Израел врши етничко чистење“, тврдеше Сафади.

На новинарско прашање дали Европската унија размислува за воведување санкции кон Израел, Борел рече дека Шпанија и Ирска го покренале ова прашање, но дека „ЕУ сè уште ништо не одговорила“.

Сафади рече дека меѓународното право и неговото спроведување го „изгубиле кредибилитетот“.

Со Унијата за Медитеранот заеднички претседаваат ЕУ како претставник на северниот Медитеран и Јордан како претставник на јужниот дел. На прес-конференцијата затоа присуствуваа Борел и Сафади и домаќините во Барселона, Албарес и Камел./Извор:Makfax