25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Меѓугенерациски средби – Поврзување на генерациите во чест на Денот на Општина Центар

Општина Центар со манифестацијата „Меѓугенерациски средби,“ ја отвори неделата посветена на Денот на општината, 3 ноември. Настанот беше организиран во соработка со Здружението на пензионери од Центар и Активот на жени пензионерки, кои подготвија хуманитарен базар на просторот пред општинатa.

Во духот на генерациското поврзување, учениците од основните училишта се приклучија во креативните активности и дружењето, создавајќи топла и инспиративна атмосфера.

Градоначалникот Горан Герасимовски и претседателот на Здружението на пензионери, Злате Стефановски, ги поздравија присутните и ја истакнаа важноста на оваа средба како мост меѓу генерациите, кој ги спојува искуството и младоста, традицијата и детскиот ентузијазам.

„Вака сплотени си даваме сила. Заедно дишеме, учиме и растеме,“ рече Герасимовски.

На хуманитарниот базар, присутните и младите можеда да играат шах со пензионерите, да вкусат и купат специјалитети подготвени од искусните домаќинки, пензионерките од Центар, и да се запознаат со техниките и вештините на изработка на везените и плетени ракотворби. Во знак на благодарност, учениците им подарија на пензионерите рачно изработени подароци со мудри мисли на почит и разбирање.

Покрај тоа, беше поставено и катче за младите уметници од училиштата „Коле Неделковски“ и „Гоце Делчев“, кои цртаа на тема „Дружење со нашите баби и дедовци“ и „Мојата општина“, а им се придружи и сликарот и хуманист Живко Поповски-Цветин, кој го збогати настанот со својата уметничка инспирација.

Општина Центар ќе продолжи да го поттикнува соживотот и соработката меѓу генерациите, со надеж дека оваа манифестација ќе прерасне во традиција.