Во рамки на Третиот парламентарен Самит на Меѓународната кримска платформа во Рига, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари билатерална средба со претседателот на Парламентот на Естонија, Лаури Хусар.
На средбата претседателот Гаши се осврна на процесот на дигитализација како процес кој што постојано се унапредува во Собранието, на предизвиците со кои се соочуваме во процесот на целосна дигитализација на институцијата, како и на тековните процеси и ИКТ опрема во Собранието во насока на транспарентност на институцијата, достапност на информациите до граѓаните и институциите. Нагласувајќи дека дигитализацијата на Собранието и заштитата на податоците е еден од приоритетите во неговиот мандат, искажа увереност дека Собранието треба да ги користи практиките од парламентите кои веќе се искусни во процесот на дигитализација, а во Естонскиот Риигикогу гледа лидер и предводник во дигитализацијата во Европа и пошироко.
Претседателот Хусар искажа благодарност за препознавањето на Естонија за предводник во дигиталната ера, особено во време на развој на вештачка интелигенција и системи за заштита на податоци. Тој го запозна претседателот Гаши со процесите и законските решенија во Естонија во иминативе 25 години. Подвлече дека дигитализацијата е процес кој бара алокација на значителни буџетски средства, но истите се огромна инвестиција во граѓаните, нивните права и демократијата. Искажа подготвеност за унапредување на парламентарната соработка и интензивирање на контактите на сите нивоа.
Соговорниците се согласија дека одржувањето самити на парламентарно ниво е дополнителен поттик и мотив за претседателите на парламенти и билатерално да се состанат и да разговараат и за заштита од хибридни закани, дигитализација и унапредување на соработката. Постоењето на Групи за соработка меѓу двата Парламента се одлична основа за реализација на соработката во иднина, а претседателот Гаши упати покана до претседателот Хусар за посета на Република Северна Македонија.