23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Средба на Димитриеска-Кочоска во Трезорот на САД – Техничката поддршка на експертско ниво корисна за унапредување на процесите во управувањето со јавните финансии

Техничката помош на Трезорот на САД е добредојдена и корисна во унапрдувањето на управувањето со јавните финансии. Со експерти од Трезорот на САД се работи во повеќе сектори во Министерството за финансии, Царинската управа и Управата за јавни приходи, а се темели врз основа на потпишан Договор помеѓу МФ и Канцеларијата за техничка помош на МФ на САД. Ова беше констатирано на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со заменик-помошник секретарот во Трезорот на САД Лијен Трен, Ребека Горин од Канцеларијата за Европа и помошници директори коишто се инволиврани во активностите во земјава.

„Постоечкиот систем на планирање на буџетот и процесите е развиен со техничка помош од МФ на САД во перидоот 2004-2008 година, а сега се работи на подобрување на тие процеси. Со експертите од Трезорот на САД се работи во повеќе области и сектори во МФ. Се работи на подготовка на нацрт-верзии на клучните документи за планирање и извршување на буџетот, коишто произлегуваат од новиот Закон за буџети. Зајакнување на надзорот на небанкарскиот финансиски сектор, преку зајакнување на капацитетите на секторот во МФ, како и со цел зајакнување на заштитата на потрошувачите и финансиската писменост. Исто така, експертите работат и во делот на управувањето со јавниот долг и слично. Сето тоа е особено важно за нас за унапредување на процесите преку коишто ќе се зголеми ефикасноста во прибирање на приходите во буџетот и управување со прибраните средства“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.

Таа додаде дека со Договорот се опфатени и се спроведуваат активности и во Управата за јавни приходи и Царинската управа, каде се работи на зајакнување на капацитетите, дигитализација на процесите, како и сајбер безбедност и борба со криминалот.

На средбата министерката изрази благодарност за поддршката што ја дава САД на земјата, при што беше изразен интерес соработката на експертско ниво и техничка поддршка да продолжи и во наредниот период со цел натамошно зајакнување на целокупниот систем на јавните финансии.

Министерката за финансии средбата ја одржа за време на работната посета на САД, каде учествува на Годишните средби на ММФ и Светска банка, а ќе оствари средби и со високи претставници на овие меѓунродни финансиски институции.