23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Јаневска: Со проектите кои создаваат интерактивни дигитални ресурси ја подигнуваме инклузијата на учениците со посебни образовни потреби

Министерството за образование и наука силно го поддржува воведувањето дигитални алатки и користењето дигитални технологии во учењето на децата со атипичен развој. Тие се во согласност со најдобрите интереси на учениците со посебни образовни потреби, затоа што создаваат пристапни, индивидуализирани и интерактивни дигитални образовни ресурси, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на завршниот настан на проектот ISEC-ADE (Пристапно дигитално образование за ученици со аутизам и интелектуална попреченост: Иновативни решенија и подобрување на компетенциите на едукаторите), што денеска се одржа во Скопје.

Како резултат на проектот развиени се TeachSpace: иновативна веб-апликација за интерактивно учење како и TeachHub: платформа за споделување и соработка меѓу едукаторите, што ќе им го олеснат напредокот во образованието на децата со посебни образовни потреби.

Стратешка цел на Министерството за образование и наука е да обезбеди квалитетно инклузивнo образование на сите нивоа, но кога инклузивното образование ќе се спушти од документите во училниците, се јавуваат низа предизвици, посочи Јаневска.

„Се водиме од потребите на граѓаните и во надминувањето на овие потешкотии. Министерството работи на подобрување на концептот на инклузија, за што сите засегнати страни ќе можат да го кажат своето мислење преку јавни дебати. Веќе на јавна дебата е новиот Закон за средно образование, кој од средината на минатиот месец е објавен на ЕНЕР. Со него се предвидува ангажирање на образовни асистенти и во средните училишта. Во основните училишта, во учебната 2024-2025 година се ангажирани над 1.000 образовни асистенти“, нагласи министерката.
За да се подигне степенот на инклузивност на македонскиот образовен систем, Министерството работи и на обезбедување поголема пристапност на училишните објекти за учениците со попреченост, на обезбедување наставни помагала и опрема, како и на подигнување на професионалните компетенции на наставниците за работа со ученици со посебни образовни потреби.
За наставниците, специјални едукатори и образовни асистенти, во рамки на Проектот, се изработени и Методолошки прирачник и програма за нивна обука, а на настанот беше презентиран и Извештајот од спроведеното истражување со препораки за подобрување на пристапноста во дигиталното учење за лицата со аутизам и интелектуална попреченост.
Министерка Јаневска рече дека посебно ќе се заложи за унапредување на инклузивното образование, затоа што децата со посебни образовни потреби не смееме да ги идентификуваме со нивната дијагноза, туку со нивните потенцијали што можат да се развијат со помош на образованието. Повика сите заедно да работиме на подигнување на општествената свест за прифаќање на различностите и вклучување на децата и другите лица со атипичен развој во сите активности, а не нивно исклучување.
Проектот ISEC-ADE, со поддршка од програмата Еразмус+ на Европската Унија , го реализира меѓународен конзорциум партнери меѓу кои Аутизам Институт и Македонско научно здружение за аутизам.