Наместо да разговараме како е возможно цената на прехрамбените продукти да се покачи до таван, знаете, тоа се оние најосновни намирници од кои живее (и преживува) пресечен граѓанин на Северна Македонија, нашата јавност со денови се оптеретува кој бил новиот директор на АНБ, службата за „национална безбедност“. И дали тој бил компетентен, образован, полуобразован или необразован.
Не знам, драги пријатели, од што вие живеете, ама оние луѓе кои јас ги познавам живеат од храна, на таквите луѓе сосема им е сеедно кој е новиот директор на АНБ. Знам, можеби вам ви звучи тривијално, а можеби ви звучи и лакрдијашки, ама ако загребеме подлабоко под површина ќе видиме дека не е баш наивна оваа констатација.
Имено, за оние луѓе кои живеат од храна – освен ако има луѓе кои живеат од нешто друго, таквите ги молам да ми јават (телефонот, местото на живеење и адресата позната на Редакцијата) – редно е да се потсетиме: лани зелката беше 15 или 20 денари, денес изнесува 70 денари за еден килограм; зелена пиперка денес е 100 денари за еден килограм, а лани беше 50-60 денари; лута пиперка денес е 130 денари, лани беше 60 денари; патлиџаните денес изнесуваат 120 денари за килограм, а лани од 40 до 50 денари; бананите денес се 120 денари за килограм, а лани цената на бананите изнесуваше 50 денари.
Што се однесува до млекото и млечните производи, цените скокаат од ден на ден, цигарите поскапуваат, јајцата, гравот, лебот… Струјата на ЕВН во домаќинствата е драстично покачена. И ова не е проблем никаков, разбирам, кога сте дел од власта се’ е супер, а нив, како што гледаме, одлично им оди во животот.
И ако, пак, ја слушате владата, таа лаконски ќе ви рече дека инфлацијата е под контрола, инвестиции не очекуваат од сите страни, БДП-то расте, стотици милиони евра во капитални проекти само што не дошле, рај на земјата, комшија! Тоа што овие зборови не коренспондираат со реалноста, за тоа владата најмалку е загрижена, или можеби живее во некој меур од сапуница што ништо не гледа надвор од него.
Ваквата состојба ги повредува граѓаните на милион начини. Разбирам, би можеле и’ да разговареме за светови, вредносни судови и(ли) идеологии, ама пред да разговараме за тоа, знаете како се вели: „со гол задник и празен стомак не се јуриша на барикади“, ако ме разбирате што сакам да кажам.
Што е проблем владата да интервенира во субвенција за електричната енергија? Или ги запре и ограничи маржите на прехрамбента индустрија? До кога ќе се богатат монополите на грбот на најслабите, најсиромашните и најранливите класи на граѓани кои врзуваат едвај крај со крај. Или можеби вистинското прашање е следново: од кои работи во протрошувачката кошница ќе треба да се откажат граѓаните само за да и’ удоволат на владата дека во земјава тече мед и млеко?
Ајде сега да се навратиме на уште една тема што ја окупира јавноста овие неколку дена, а тоа е новиот директор на АНБ, службата за „национална безбедност“.
Извесен Бојан Христовски има многу силна биографија, практично „интердисциплинарен“ тип: добил сертификат за англиски јазик во бугарскиот Пловдив, бил член на управен одбор на Клиниката за ортопедија, основно училиште завршил… Уф, колку креативна биографија, мил комшија! Почнаа очите и уште да ме сврбат.
Но, сепак, ајде да не се лажеме, прво е срамота, и второ – возрасни луѓе сме.
БХ, новиот директор на АНБ, не е Даниел Креиг, уште помалку меша вотка со тоник, нема да биде никаков заводник низ казината „во“ и „надвор“ од Северна Македонија; за граѓаните, оние обични и секојдневни, сосема неважна фигура; a за оние од партијата на власт едноставно ќе биде нова и невидлива „играчка“ на врховниот арбитар во земјава. Суштината лежи во тоа што изесениот директор на АНБ ќе биде тука благодарение на оние кои му дозволуваат да паразитира, секако, со нивна радосна дозвола.
Се сеќавате што своевремено изговори Роби Вилијамс: „те сакам драга. Ама да бидеме искрени – таа е Мадона/ I love you baby. But face it – she’s is Maddona.
Денешната формација на власта (и државата) која ја узурпираа, во суштина се никој и ништо, а камо ли некој на кому воопшто му паѓа тешко да биде никој и ништо оти се’ што треба да работи и’ се однесува во складот со својата природа и памет. Ова последново е непроверена гласина, како што не’ учеше Кустурица со онаа негова позната метафора – „непроверена гласина“ – мислејќи на смртта.
Денешниот директор на АНБ не е главен чинител на било што, тој може да биде само симптом. Добро, може да биде алармантен, ама сепак е само симптом. И вакви луѓе, во ваква влада може да бидат се’, сосема е неважна функција, кога еден друг човек ги држи сите конци. И овие работи сме ги виделе милион пати до сега во оваа земја. Само се повторуваат или перпетеурираат, како да се прскани, скраја било, во Чернобил.
Денес сите се менаџери – посебно ако се „подржавени менаџери“. Скапи одела, скапи чевли, автомобили со шофери, телефони кои се поскапи од нечии станови; таквите може да направат разлика помеѓу Уелбек и Бернхард, имаат и спектар од три-четрстотини зборови на најмалку два јазика. Се работи за нови, јапи менаџери, најчесто партиски, а многу помалку „пазарни“ (оние кои работат во приватен сектор); тоа е онаа сорта од транзициски и неподносливи постмодерни дивјаци кои го окупира нашето македонско небо.
Обично се тоа „градски момци“, неподносливо „снајдени“, а во се’ друго просечни освен по своето надпросечно „пробивање“.
Во основа не знаат ништо, немаат никакви скруполи и баш им е гајле за се’, aма за себе имаат впечаток дека се страшно „информирани“. И сите делуваат исто, звучат и изгледаат исто.
И сега тука сме кајшто сме, а богами и овој директор со нас. И нека си го, затоа што го заслуживме. А можевме и’ да го одзаслужиме, ама тоа беше до нас – и ако ни е добро со него, и слични како него, тогаш ништо.
А вистинскиот Џемс Бонд на „националната безбедност“ е на остров, се опоравува од петнаесетгодишната улога, опкружен со коктели и песочни плажи, а колку нам ќе ни биде потребно да се опоравивме од овие наши „Џемс Бондови“, па уште платени со наши пари, а ние, гревчиња, опкружени со прескапи прехрабрени намирници, прескапа струја во оваа длабоко поделена земја…
Уште и’ се плашам дека ова прашање и овој симптом е за стручни лица од областа на психоанализата, а не за колумнисти или политички коментатори.
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.