23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Владата преку Министерството за локална самоуправа и во партнерство со УНДП и Швајцарска амбасада пристапува кон процес на дебата за промени на Законот за локална самоуправа

На 18.10.2024 година, во Владата на Северна Македонија се одржа настан со кој отпочнува на процесот на темелна анализа со цел унапредување на Законот за локалната самоуправа.

Настанот беше организиран во соработка со Министерството за локална самоуправа, УНДП и Амбасадата на Швајцарија, со учество на експерти од областа.

Премиерот Христијан Мицкоски, во своето обраќање посочи дека Законот за локалната самоуправа функционира успешно речиси две децении и дека го положи тестот на времето, но дека праксата покажува дека потребни се унапредувања за подобрување на транспарентноста и отчетноста на локално ниво.

„Во согласност со највисоките европски практики и стандарди, дел од темите што ќе се разгледуваат е воведувањето на комунална редарска служба, со цел подобрување на јавниот ред и зачувување на јавните добра, како и зајакнување на отчетноста на локалните функционери“, истакна премиерот, нагласувајќи дека ова ќе биде инклузивен и отворен процес, во кој ќе учествуваат граѓаните, експертите и сите засегнати страни, со крајна цел подобрување на системот на локалната самоуправа.

Министерот за локална самоуправа Златко Перински, исто така ја потенцираше важноста на реформите во локалната самоуправа, истакнувајќи дека оваа анализа ќе овозможи идентификација на слабостите и ќе доведе до конкретни решенија кои ќе ја подобрат ефикасноста на општините. Министерот се осврна на потребата од воведување механизми за поголема одговорност на избраните функционери, како и подобрување на јавните услуги, особено во делот на комуналните дејности.

На настанот беше истакната важната улога на меѓународната заедница, особено УНДП и Амбасадата на Швајцарија, кои имаат клучна улога во поддршката и развојот на системот на локалната самоуправа. Партнерството со овие организации ќе продолжи да се развива со цел обезбедување на уште посилни општини и подобар квалитет на живот за граѓаните.

Ова е почеток на широк повеќемесечен консултативен процес кој ќе доведе до натамошно унапредување на Законот за локалната самоуправа, следејќи ги највисоките европски стандарди и практики.