На почеток, ред е да кажам, немам ништо лично против Јовица Михајловски алијас „чичко Кумплунг“, баш напротив. Посебно ми е мило ем драго што оваа награда ја добиваат и двајца кавадарчани, а тоа се Бубо Каров и Владимир Темков.
Со Бубо не се познавам, ама со Темков се познаваме лично, на драго срце се поздравуваме низ чаршија, а некогаш знаеме да испиеме и кафе (сега поретко, порано почесто), а богами понекогаш знаеме и’ да се слушнеме на телефон. Чисто куртоазно и „чаршиски“. Неколку пати господинот Темков ме канел и на неговите изложби.
Така што фер од моја страна е да кажам и дека на сите тројца им ја честитам државната награда 11-ти Октомври за животно дело и за особен допринос од областа на науката и уметноста.
Добро, кога ги завршивме „протоколарните конвенци“, радости и честитки, време е да се вратиме на „хартиском задатку“.
Најновиот случај, имено, за мене беше интервјуто на „Телевизија 24.“ со Јовица Михајловски алијас „чичко Кумплунг“, драмски актер и продуцент, овогодишен добитник на државната награда за животно дело „11-ти Октомври“.
И, што, пак, тебе, црни Ненаде, толку те погодија „длабоките мисли“ на господинот и актер Јовица Михајловски?
За оние кои заборавиле, тоа е оној чичко кој додека бевте деца ви излегуваше на „Шарам барам“ со онаа негова округлеста глава и, мене, а богами и моите школски другари, страшно не’ плашеше. Ние во тоа време бевме вљубеници на „биљарката“ и нејзиното вечно исчекување на храбриот и силен Тарзан. Секогаш кога ќе ја видев таа глава, мене ми доаѓаше некоја непријатна „језа“ и нелагода. Дали сум бил хиперчувствителен – веројатно; дали „чичко Кумплунг“ ме плашел со неговата глава на телевизиските кутии од тоа време – несомнено.
Тоа не беше само мој впечаток, тоа беше впечаток на цел еден средношколски клас. Или кога во филмови го гледавме како глуми заводник (или насилник?) на жени, мајко мила, ми се чини, уште како деца, „за пиштол“ се фаќавме. Добро, шега на страна, да одиме со „длабоките мисли“ на актерот Михајловски.
Имено, господинот Михајловски, во интервјуто ни рече нешто од типот се’ е срање, се’ е исто, се’ е тоа трул естаблишмент, се се’ тоа отуѓени елити и бла, бла, бла.
Нормално, на ваквите анархични мисли се „попеца“ онаа „либерална“, „граѓанска“ и (ина)демократска јавност; не само што воскликна, ами падна и на „дупе“ колку Михајловски е во право. Овој, пак, за таквото говорење ги доби сите аплаузи и лајкови, небаре кажал страшно длабоки и умни думи.
Прво добиваш награда за животно дело од државата, а кога за твоето дело не зборуваш ништо (претпоставувам го викнале затоа што ја добил наградата за животно дело 11-ти Октомври?), дури некако и ти е непријатно да споделиш некој добар збор за оние кои ти ја доделиле, ти почнуваш да велиш дека е се’ срање и дека сите тие се исти.
Дури, ако сакам да бидам и „марксистички задрогаз“, па речам: македонскиот поет, македонскиот режисер, македонскиот писател, професор и глумец, се’ уште е опседнат во желбата да својот „нежен“ интелектуален хабитус го потпре на тврдата и „демохристијанска“ десница. И додека неговата скромност, срамежливост и самоскриеност е бескрајна, ќе најде мајчиниот благодарница така што ќе „дерне“ час против Бугарите кои, нели, биле „фашисти“, а потоа ќе ги ублажи прејаките зборови велејќи како сите се исти, како се тоа е трул естаблишмент, како се работи за отуѓени елити итн. итн.
И додека на секој чекор, пред вашиот нос се случуваат разни неправди, и кога пред вашиот нос се случуваат „најтривијални“ газења на човековите права и кои ваквите не ги гледаат и не ги слушаат, и кои во нивната глава не им паѓа на памет нешто да кажат.
Го предадоа македонскиот изборен суверенитет на Виктор Орбан за 500 милиони евра, a граѓанската и „свесна“ јавност – молчи! Гледаме на секој чекор како се вработува „на ангро“ некомпетенција и јавашлук, a граѓанската и „свесна“ јавност – молчи! Вработуваат кого ќе посакаат, поготово оние кои мирисаат на „нивните“, а оние другите, може да бидат и дискриминирани под секое човечко ниво – ама нашта граѓанска и „свесна“ струја безгрижно пеете (или го пелтечи?!) истото тоа „елитистичко“ и килаво срање кое со години го слушам: сите се исти ѓубренциња, или сите се борат за себе или се е тоа трул естаблишмент…
Па, мислам, може ли уште помрзеливо и поглупаво од тоа? Ако воошто Михајловски е консекветен да мисли за себе и себе во поширок контекст, ниту сите се исти, ниту поблиската историја на владеење тоа го покажала.
Денес ВМРО-ДПМНЕ има најголема гласачка машинерија во историјата на парламентаризмот на земјава, ама тоа за нашите „културњачки“ перјаници не претставува никаков проблем, нив „ситемот ги бембал“, така вели Михајовски, така лајкаат и нашите „уметнички“ глави.
Наместо да го спречевме тој однос на силите, кога се можеше и кога се имаше кога, ваквите како „бате Кумплуг“, јеби га, очигледно имале некои други агенди.
Секој пристоен граѓанин, кој во основа разбира што се случува во земјава, има и морална одговорност да го запре налетот на една авторитарна и популистичка партија, а ако не може да го спречи, барем рековме погоре – да и’ го намали менаварскиот простор, ама сепак, ќе речам повторно – ние бевме ебено констернирани и разочарани од кој-знае-што.
Дали ти, црни Ненаде, ни сугерираш дека требаше да гласаме „од инат“ за ‘твојот’ СДСМ? Таман работа! Тогаш и јас би бил ист како „бате Кумплунг“, а неговите алегории „сите се исти“ и „сите се исто срање“ ќе беа и’ мои алегории.
Да бидам јасен до крај: во пркос на се’ што во овој текст до крај ќе напишам, и во пркос на се’ што во овој текст напишав. Ајде сега само за момент да видиме што направивме сите ние од негласање за СДСМ и општоприфатената констернација и резигнација на „политичкото“.
Ја вративме авториратната и популистичка ВМРО-ДПМНЕ на власт. Која не само што ќе биде разулавена, туку тенденциите за авторитаризам, полулизам и насилство повторно ќе бидат на (с)цена.
Корупцијата ќе биде со невидени размери: Уставниот суд уште денес е во служба на владејачката партија изгласувајќи го таканречениот „Балансер“ кој е во корист исклучиво за задоволување на апетитите на албанскиот ВЛЕН на Таравари.
Што не’ учи и што ова ни кажува?
Па, не кажува толку колку што прашува: дали вашиот брак е идеален? Дали децата ви се идеални? Дали вашата работа е идеална? Сакам да речам, таа граѓанска и „лева“ освестена струја, приметувам дека од преголема свест почнува да и’ се мати свеста. И без разлика колку ние живееле во неидеални животни околности, не разбирам како е возможно да се бира идеален политичар?
Прво Заев не им беше доволно добар, па Ковачевски, а денес не им е доволно добар ниту пристојниот и брилијантниот хирург Венко Филипче.
Па дали е свесна таа граѓанска струја во земјава, и на следни предвремени парламентарни избори – чисто како претпоставка – Мицкоски добие 82 пратеници (заедно со неговите опскурни коалиции)? Ние сите буквално може и’ да не постоиме. Има ли воопшто свест таа „еманципирана“ и „граѓанска“ јавност до кој степен нивната свест е поматена!?
И не сум единствен што ја почувствува карневалската измама која ни велеше цело време дека вистинската адреса била „само СДСМ да се руши“, а другото ќе биде не-знам-што, па ќе било подобро и „автентично“.
Следствено на ова, изгласаа луѓето како што изгласа, па денес таа „скопска“ интелектуала via „Дебар маало“ уште и’ се чуди од каде толкаво срање, та сите биле исти, и та дрн, и та sврц!
Денес Мицкоски со сета онаа конфузна и неартикулирана елита ќе владее со земјава сосема комотно. И знаејќи го тоа, уште во 2019 година жолчно се борев за таа продемократска јавност, а на изборите кои поминаа со чисто срце го дадов гласот за СДСМ затоа што знаев, а богами и денес знам, без разлика колку мачно се’ ми изгледа, тоа е политичка партија која има најголем демократски капaцитет во земјава. И притоа е без калкулации – проевропска.
Можеби културњаците од Дебар маало мислат дека државите ги водат хипи комуни, групи на поети, егоцентрични индивидуалци, бравурозни актери кои снимаат фантастични и (пара)фантастични филмови?
Јок, море!
Државите на целата планета земја ги водат политички партии. Време е барем тоа да го разберат нашите „врили“ и „огорчени“ уметнички хабитуси. Дури и тогаш кога се послужени со најголеми државни награди.
Ама од кога мачнината на еден маргинален статиста од провинција нам ни е поважана од „статусот“ и незадоволството на еден „голем глумец“ на кому ништо не му е доволно добро, квалитетно и во основа, дури и тогаш кога добива најпрестижни државни награди за животно дело?
Нам секогаш ни е поважна наша голема, „елитна“ и „скопска“ величина во нејзината „Главна улога“, одошто ни е важен некој безначаен и самонаречен „интелектуалец“ без ниедна државна награда во својот џеб.
Знам дека е така. Затоа и ви пишувам. Со пркос и’ в брк!
Пишува: Ненад Јовановиќ
Текстот е личен став на Авторот.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот кој е одговорен за неа, и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на Centar.mk.