23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Астрит Исени: Mеѓусебната доверба основен предуслов за успешна и ефективна размена и споделување информации

„Како домаќин на настанот, особено сум благодарен на сите активни учесници, за нивната посветеност и работа за реализација на симулациската вежба. Благодарност упатувам и до сите кои несебично го помогнаа одржувањето на настанот. Помошта од нашите партнери, изразена преку спроведувањето на ИПА проектот- ЕУФОРФАСТ и континуираната поддршка од ИОМ, како и нивната директна инволвираност во овој настан ни овозможија проектираните активности, но и нашите идеи да ги видиме реализирани во пракса“.
Ова меѓу другото го истакна заменик министерот за внатрешни работи, д-р Астрит Исени, во своето денешно поздравно обраќање во Охрид а по повод одржувањето на Симулациската вежба за размена на информации во реално време за трговија со луѓе и криумчарење мигранти долж Источно-Медитеранската рута.

Притоа заменик министерот Исени нагласи дека прекуграничната размена на информации значително е подобрена и помеѓу администрацииите во Западен Балкан, но и помеѓу нив и земјите членки на ЕУ, пред се и поради бројните правни акти и канали за комуникација што стојат на располагање.

„Мое лично убедување е дека квалитетот на персоналот е од клучна важност за постигнување оптимална ефикасност, но исто толку важно е и елиминирањето на националните граници кога станува збор за размената на информации. Невозможно е – се надевам ќе се согласите со мене – размената на информации да го постигне својот целосен потенцијал кога постојат различни национални системи, бази на податоци, регистри, правни системи, легислативи за заштита на податоци, и озгора на сé – значителни проблеми во интероперабилноста. Од друга страна, пак, нашата задача не ја завршуваме единствено со размена на информации. Време е сериозно да работиме и на воспоставување практики на спонтано споделување информации или ако сакате – нивно циркулирање помеѓу нас, агенциите за спроведување на законот на национално ниво, а потоа и на регионално или европско ниво“, потенцираше, меѓу другото д-р Исени.

На крајот од своето обраќање заменик министерот Исени потсетувајќи на петте општи начела на кои се потпира Директивата на Советот и на Европскиот Парламент за размена на информации помеѓу органите за спроведување на законот во земјите членки од 2023 година – достапност, еднаков пристап, доверливост, сопственост на податоци и сигурност на податоци – посебна ја акцентираше и меѓусебната доверба како основен предуслов за успешна и ефективна размена и споделување информации.