23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Лимани од Форумот за млади во рамки на Берлинскиот процес: Младите, претставуваат клучна демографска група во обликувањето на иднината на Европа

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани е во посета на Берлин, Сојузна Република Германија заради учество на Форумот за млади на земјите од Западен Балкан, како дел од настаните организирани во рамки на Берлинскиот процес на 13-ти и 14-ти Октомври.

Лимани заедно со министрите на Владите од шесте земји од Западен Балкан, како и на Франција и Германија и претставници на Регионалните канцеларии за младинска соработка – RYCO, учествуваше на панел дискусијата „Европскиот проект низ призмата на младите“, како дел од конференцијата насловена: „Декада на влијание: Младите го зајакнуваат регионот во рамките на Европскиот проект“.

Во дискусијата која се водеше на Форумот, Лимани се осврна на значењето на Берлинскиот процес кој покрај зајакнувањето на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан, економскиот развој и евроинтеграциите, во фокусот ги има и младите.

„Младите, претставуваат клучна демографска група во обликувањето на иднината на Европа. Вклучително и младите кои доаѓаат од земјите на Западен Балкан кои се со европски аспирации и географски припаѓаат на Европа. Токму овие прогресивни млади сили, нивните гласови, аспирации и предизвици мора да бидат поставени како приоритет во нашите политики,“ истакна Лимани.

Министерот зборуваше и за политиките кои оваа Влада ги креира за младата популација, како и можностите за развој на нивниот потенцијал дома, во својата држава. Тој се осврна и на новиот Закон за младинско учество, кој нуди широки можности за младите, како и Стратегијата за млади 2023-2027 година, Предлог законот за социјално претприемништво, кој исто така ќе понуди нови можности за младите. Но, тој истовремено ги повика младите да бидат проактивни во креирањето на политиките и нивно активно учество и на локално ниво.

Тој се осврна и на мерката Гаранција за млади, за чие спроведување Македонија е лидер во регионот и од 2018 година со опфат на над 80 илјади млади лица.

Оваа година се одбележува значаен јубилеј — 10 години од започнувањето на Берлинскиот процес кој што не претставува само иницијатива, туку визија за иднината на Западен Балкан, преку промовирање на регионална стабилност, економски развој, соработка меѓу земјите и поддршка во евроинтеграциите.

Основањето на RYCO претставува особено важна платформа за младите во нашиот регион, затоа што игра клучна улога во поврзувањето на младите во регионот. И претставува едно од најголемите достигнувања произлезени од Берлинскиот процес.

Во агендата на Министерот Лимани покрај учеството на панел дискусијата насловена: „Европскиот проект низ призмата на младите“, се и повеќе билатерални средби.