24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

(Видео) Филипче: Наследството од партизаните ги дефинира нашите вредности и денеска

Историската лекција од партизанската борба не треба никогаш да ја заборавиме бидејќи таа е врежана во нашите корени. Наследството што партизаните ни го оставија ги дефинира нашите вредности и денеска.

Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во своето обраќање по повод 11 Октомври Денот на народното востание.

„Пред 83 години македонскиот народ заедно со нашите сограѓани од сите други етнички заедници направи историски исчекор во вековната битка за слобода и за сопствена држава. Предводник на таа борба беа македонските партизани која прерасна во општонародно движење на повеќе од стоилјадна македонска војска“, вели Филипче.

Според Филипче, партизанската борба е јасен израз на единството на народот во желбата за слобода и за сопствена држава и тоа заедништво ја постави Македонија на вистинската страна на историјата.

„Ние во СДСМ како продолжувачи на традицијата на НОБ и вредностите на АСНОМ секогаш сме работеле и ќе работиме во духот на оваа победничка традиција. Впрочем, нашите корени се во храбрата борба на партизаните, а тоа наследство и денеска ги дефинира нашите вредности“, потенцира Филипче.

Благодарение на мудроста на партизаните ние засекогаш се запишавме во листата на победничките народи, а македонската држава стана реалност на политичката мапа на Европа и светот, вели Филипче во својата честитка по повод Денот на народното востание.