9. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Јаневска: Ветивме и правиме исчекор во дигиталната трансформација

Дигитализацијата во високото образование, како дел од сеопфатната дигитална трансформација на општеството и работењето е меѓу врвните приоритети на кои ќе работи Владата во следните години. Наша цел е поквалитетно образование за генерациите млади што ќе се соочат со технолошки поразлична иднина, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето пред почетокот на дебатата „Патот кон дигитална трансформација на државните универзитети“, во организација на Форумот за образовни промени и платформата за дигитализација на државните универзитети #DigiU.

„Заложба на Министерството за образование и Владата е дигитализација на услугите во високото образование, што ќе значи олеснување на студирањето, а наставно-научниот кадар ќе се ослободи од сложените административни процедури. Со целосната дигитализација ќе се напушти концептот на хартиените индекси, пријави и заверувања“, нагласи Јаневска, додавајќи дека студентите имаат потреба од постојано достапни наставни материјали и други стручни трудови, за што Министерството ќе поддржи дигитализација на факултетските библиотеки на државните факултети.

Со првиот буџет што новата Влада ќе го прави самостојно, ќе бидат одвоени средства за ваучери за сите студенти во вредност од 250 евра, за купување електронски уред со цел да ги користат дигиталните можности.

„Ова е реална инвестиција во младинскиот стандард, реална инвестиција во нашата иднина. И не помалку важно, со ова сакаме дигиталните ресурси да се достапни за сите студенти, без оглед на нивната социо-економска состојба, со што дигиталниот развој го правиме поправеден и поинклузивен“, укажа министерката Јаневска.
Иако во годините по КОВИД пандемијата повеќе европски држави ги бележат како години на голем бум на дигиталното образование, нашата држава, за жал, тоа не го направи. Јаневска посочи дека ако не сакаме да не проголта дигиталниот јаз, имаме обврска интензивно и сеопфатно да влеземе во долгорочен, плански и системски развој на дигитализацијата преку креирање современи политики, во соработка со стручната и научната заедница, невладиниот сектор и коморите.

Рече дека е неопходна брза подготовка и на кадарот и на студентите за вклучување на вештачката интелигенција во високото образование, при што мора да има јасни правила за етичката димензија на употребата.

Визијата за држава со добро развиена дигитална инфраструктура и широка употреба на дигиталните алатки, може да стане реалност само доколку сите релевантни чинители ја сфатат нужноста за дигитална трансформација и заедно работат на нејзино реализирање.

Дебатата во која учествуваа и претставници на државните универзитети и студентските организации, ги лоцираше предизвиците што постојат за дигитализацијата на државните универзитети, со цел да се формулираат конкретни препораки за забрзување на овој значаен процес во државата.

фото Министерство за образование