23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото МОН
.МАКЕДОНИЈА

Јаневска: сите имаме обврска да помогнеме во задржувањето на младите во Македонија

Добро е што државата имала Стратегија за спречување на одливот на мозоци, но за жал, не го постигнала ефектот кој бил предвиден при креирањето. Нема да се навраќаме назад и да бараме виновници. Како нова Влада преку мултиресорски пристап ќе се фокусираме на креирање нови мерки и активности со кои ќе го намалиме заминувањето на квалификуваниот и високообразован кадар.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната седница на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетика на која се дискутираше за извештајот на Државниот завод за ревизија по однос на ефективноста на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри.

!Нам ни е потребен квалитетен образовен систем и за таа цел, со универзитетите веќе говориме за промени кои, меѓудругото ќе значат и осовременување на студиските програми, за да бидат интересни за младите. Дополнително, образованието мора да биде усогласено со потребите на пазарот на трудот и затоа ќе ги ревидираме квотите за упис на факултетите, врз основа на реална анализа на состојбите во општеството и утврдување на тоа што ни недостига“, рече Јаневска.

Стипендирањето во голема мера треба да стимулира упис на дефицитарни струки, па оттука и стипендиите на МОН веројатно ќе подлежат на ревизија.

„Ќе ги споменам и шангајските стипендии. Тие беа мерка во стратегијата, но очигледно е потребно реобмислување на начинот на кој тие се даваат и на начинот кој студентите треба да возвратат. Веќе се консултираме со повеќе студенти кои имаат искористено ваков тип на стипендија. Имаат интересни идеи кои ги размислуваме во моментов. Најчесто нотираат потреба за поголемо поврзување со компаниите во Македонија, бидејќи администрацијата нуди ограничени можности“, рече Јаневска, додавајќи дека министерството прави дигитален регистар за евиденција на сите стипендисти, заради полесно лоцирање, вмрежување и така натаму.

Министерката истакна и дека младите треба да добијат повеќе можности за учество и развој на науката и затоа се планираат повеќе пари и враќање на финансирањето на научно – истражувачките проекти со апликативни цели, како и нивно вклучување во наставно – научните тимови во рамки на образовните установи каде недостига персонал. Ќе се прошируваат и можностите за вмрежување на младите од Македонија со младите од други земји преку Хоризонт, Еразмус и други програми за образование и наука.

„Ценам дека обврска е не само на институциите на системот, туку и на бизнис заедницата, на граѓанскиот сектор и на секој општествен чинител кој може да помогне, да даде придонес во справувањето со предизвикот како да ги задржиме младите во Македонија и да им овозможиме добра иднина тука“, додаде Јаневска.

фото МОН