24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото ВМРО ДПМНЕ
.МАКЕДОНИЈА

Попов: Владата исполнува – Поддршка до 30 илјади евра за младите да отворат свој бизнис и 250 евра ваучер за студентите за купување електронски уред

Поминаа 100 дена од новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Период доволен за една внатрешна ретроспектива и ревизија на расипничкото работење во изминатите 7 години, но и пресвртен момент во кој правиме значаен чекор кон испорачување на светла иднина за сите.

Младите луѓе во првите 100 дена увидоа дека во Владата, Собранието и институциите можат да имаат конструктивен партнер со кого преку дијалог и работа ќе ги решаваат сите предизвици. По успешната интервенција и обезбедување на пари од буџетот за студентите, лекарите, студентските домови и инфраструктурни проекти, продолжуваме со новитети во креирањето на младинските политики.

Македонската влада, обезбедува фонд во вредност од 10 милиони евра за развој на бизниси за млади лица од 18 до 29 години, кои со својата креативност, визија и идеја, добиваат можност за добивање грант за поддршка во износ и до 30 илјади евра. На овој начин, ја стимулираме домашната економија, поттикнуваме економска активност и најважно од се, создаваме финансиски независни и успешни индивидуи.

Со новиот буџет кој е во изработка Владата преку јасни критериуми и воспоставен јасен систем, ќе подржува ваучери во вредност до 250 евра за купување на електронски уреди за сите студенти во Македонија. Сакаме да создадеме младина која е едуцирана, која континуирано учи и твори во Македонија, а истовремено развива и извезува идеи и вештини пред целиот свет. Со овој проект ја приближуваме технологијата до секој еден студент и го олеснуваме пристапот кон глобалните и светските текови.

Младите застанаа зад ВМРО-ДПМНЕ кога беше најпотребно, сега е ред на нас да испорачаме иднина за сите.

фото ВМРО ДПМНЕ