Скопје, 04.10.2024 Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска одблиску ја набљудуваше изградбата на ободниот канал во Арачиново, чија цел е заштита од поплавување на населението и земјиштето, како и подобрување на условите за живот на жителите на општина Арачиново.
За време на посетата, Меџити истакна дека проектот е од големо значење и е финансиски поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Овој проект е од исклучителна важност за заштита на населените места и обработливите земјишта од поплавување, не само на општина Арачиново, туку и на општините Гази Баба, Илинден и Петровец. Тој е во должина од 27 км, а во моментот се реализира регулација на дел од ободниот канал со финансиска поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање во висина од околу 64 милиони денари, рече Меџити.
Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити информираше дека со овие средства се интервенира на делот од мостот на регионалниот пат Скопје-Куманово долг околу 300 метри, додека самиот проект треба да биде завршен до јуни следната година.
„Според она што го видовме на терен, проектот се одвива согласно динамичкиот план и досега се реализирани 38% од проектот. Сметам дека со овој зафат ќе се придонесе многу и за заштитата на населението од поплавување и за подобрување на условите за живот на населението, особено од причина што каналот кој поминува низ општина Арачиново носеше голем ризик од поплавување”, изјави Меџити.
Според информациите од терен, низ ободниот канал на Арачиново е собрано значително количество отпад од пластични шишиња и друга амбалажа, а дополнително и самата вегетација ја намалува пропусната моќ на каналот.
Поради тоа, Министерството за животна средина и наложи на општината да ја поддржи регулацијата на каналот, со цел враќање на улогата на каналот со обезбедување на услови за подобар проток на атмосферската вода низ самото село и заштита на жителите од оваа општина од поплавување.