27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Трајчулески: За ДПМНЕ партиските интереси се многу поголеми од безбедноста на граѓаните во сообраќајот

Партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ очигледно се многу поголеми од безбедноста на граѓаните во сообраќајот, па место да ја продолжи постапката за носење закон за основање Агенција за безбедност на патиштата, ним поважни им се кадровските промени во составот на советот, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на собраниската седница.

– За какви реформи зборува ДПМНЕ, кога законот за изменување и делување на безбедност во сообраќајот на патиштата, кој го предлагаат, има единствена цел-промена на персоналниот состав на советот. Овој начин на кадровски промени стана пракса и мантра на владејачката коалиција. Во образложението на законот е наведено дека една од причините за оваа измена е уредување на бројот на членови на советот како и условите за именување на претседател, без притоа да се наведат соодветно образование или пак, работното искуство од областа на безбедноста во сообраќајот на патиштата, рече Трајчулески.

Јасно е дека за власта поважни се политичките калкулации одошто безбедноста на граѓаните во сообраќајот. И со донесувањето на вакви законски решенија, објасни Трајчулески, се прави опасен преседан со големи последици.

– Ако зборуваме за безбедноста на сообраќајот на патиштата, зборуваме за човечки животи и тука најмалку тука треба да тераме политика. Она што очекував од новата влада е да ја продолжи постапката на СДСМ, за носење на законот за основање на Агенција за безбедност во сообраќајот на патиштата. Реформски закон кој долго време беше работен во рамките на министерството за транспорт, каде беа вклучени сите релевантни институции и со поддршка на експерти од ЕУ и за кој остана да се завршат финалните усогласувања. Тоа е реформата за која сите треба да се залагаме. А, не главна цел да бидат кадровските промени во составот на советот за безбедност на сообраќајот на патиштата и политичките интереси и калкулации на власта“, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески.