22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

УНХЦР: „Хуманитарна катастрофа во Либан“

Израелските воздушни напади врз Бејрут го потресуваат Либан, стотици цивилни жртви и илјадници раселени лица. Портпаролката на УНХЦР, Шабија Манту во интервју за ДВ изјави: „Ние сме бесни“.

Либан е една од најголемите оперативни области на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР). Првата канцеларија во земјата беше отворена во 1964 година. Оттогаш, оваа организација на ОН обезбедува поддршка за локалното население, бегалците и лицата без државјанство.

Од нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година и ескалацијата на конфликтот, според податоците на УНХЦР, најмалку 1.540 луѓе загинале во Либан, вклучително и повеќе од 100 Сиријци, до нападот во последните неколку дена. Само за време на првиот голем израелски воздушен напад на 23 септември, загинаа повеќе од 500 луѓе.

Во интервју за ДВ, портпаролката на УНХЦР, Шабија Манту, ја опишува ескалацијата на конфликтот, недостатокот на заштита на цивилното население, како и внатрешното раселување во Либан.

„Настаните во последните три дена ги обележуваат најтешките напади врз Либан од 2006 година“.

Иво Фрејсен, претставник на УНХЦР во Либан, зборува за „хуманитарна катастрофа“.

„Бомбардирањето резултираше со стотици цивилни жртви. Убиени се и двајца соработници на УНХЦР. Бесни сме и длабоко погодени од убиството на двајца сакани членови на УНХЦР и еден од членовите на нивното семејство во Либан.

Цивилното население има право на заштита дури и за време на воени операции. Ова право мора да се обезбеди. Заедно со генералниот секретар на ОН, Гутереш, повикуваме на итна деескалација и бараме од сите страни да ги заштитат цивилите, вклучително и работниците на хуманитарните организации, во согласност со нивните обврски според меѓународното хуманитарно право.

Ние им помагаме на раселените луѓе низ целата земја и тесно соработуваме со властите и хуманитарните партнери, особено во јужен Либан. Ова вклучува обезбедување на основни потреби, поддршка на ново раселените лица, соработка со Министерството за здравство на Либан и Светската здравствена организација (СЗО) за набавка на комплети за траума и медицинска опрема, зголемување на бројот на болници поддржани од УНХЦР, како и дистрибуција и поставување клучни залихи како што се душеци, ќебиња, сетови за готвење и други неопходни работи на југот на земјата. Координирана е и финансиската помош“, вели тој./Извор:Makfax