24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Со Мицкоски и Тошковски нема ниту правда, ниту одговорност за блиските до ВМРО-ДПМНЕ

„Со Мицкоски и Тошковси нема ниту правда, ниту одговорност за блиските до ВМРО-ДПМНЕ. Обезбедувањето на Христијан Мицкоски, полицаецот Ивица Бисовски, кој тепаше друг полицаец пред кафе барот Мош во Скопје, Тошковски го ослободил од одговорност. Сериозниот инцидент, се случи во февруари 2024 година, а натепан беше полицаец, инспектор во НТШ додека спроведувал акција против дрога“ кажа портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.

Таа додаде дека по инцидентот беше поведена дисциплинска комисија и дека лично министерот Панче Тошковски најавуваше кривични пријави, но се случи спротивното.

„Иако Комисијата за дисципинска постапка побарала Бисовски да биде казнет, лично Панче Тошковски го ослободува бодигардот на Мицкоски од одговорност. За блиските луѓе на Мицкоски се е дозволено, дури и да тепаат полицајци“ рече Кузеска.

Таа додаде дека Тошковски, кој тогаш велеше дека припадник на МВР ја погазил честа на службите, сега не само што го погазил зборот, туку ја погазил и честа и угледот на цело МВР и на сите полицајци.

„Покажавте дека ниту за правдата, ниту за одговорноста, ниту пак за тепаниот полицаец кој изеде ќотек пред кафе барот Мош воопшто не ви е грижа“ рече Кузеска.

Таа запраша дали оваа срамна одлука е донесена под директен налог на Мицкоски и која е вистинската причина поради која е ослободен Бисовски.