24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја влоши меѓународната позиција на државата што е на штета на националните интереси

Владата на ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со ветување за подобра позиција во однос на преговарачката рамка со Европската Унија, но наместо тоа гледаме влошување на односите со соседите што оди на штета на нашите национални интереси.

Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во одговор на новинарско прашање кој е ставот на опозицијата во однос на моменталните односи со Бугарија.

„ВМРО ДПМНЕ ветуваа некаква мудра политика и ветуваа дека тие ќе направеле позиција многу подобра од тоа што ние сме го постигнале. Меѓутоа, сè што гледаме е влошување на односите со соседите. Не гледаме ниту еден чекор во насока на обид да се направи нешто во контекст на тоа што го ветуваа. И ако тоа било дел од стратегијата, јас навистина не знам што е мудро во таа политика. Сметам дека оваа влада до сега не покажа апсолутно никаква намерата ние да го продолжиме европскиот пат“, изјави Филипче.

Филипче истакна дека и СДСМ, но и граѓаните очекуваат Владата да се зафати со работа на полето на меѓународните односи на земјата и подобрување на нејзината позиција во однос на продолжување на преговорите со ЕУ.

„Тоа е обврска на владата, да направат сè, нека биде согласно нивните ветувања, дека ќе ја подобрат позицијата, дека ќе направат не знам какви работи, но сè што гледаме е само влошување нашите односи со Бугарија и тоа никако не оди во прилог на националните интереси на земјата“, смета Филипче.