23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Донации и награди за вработените за Денот на рударите од Рудник САСА 

Рудникот САСА и оваа година со низа активности и донации го одбележува 28. Август – Денот на македонските рудари, како и двојниот празник на Македонска Каменица. Традиционално, секоја година, САСА ги наградува сите свои над 770 вработени со парични награди и пригодни подароци. Оваа година посебно признание му беше доделено на Александар Стоимиров кој е прогласен за најдобар рудар за 2024 година. Тој и уште 121 негови колеги, кои дале особен придонес за остварување на безбедно и стабилно производство во САСА, добија и дополнителни парични награди и признанија.

Во својата постојана заложба за благосостојба на заедницата, САСА за време на прославата најави и реализираше неколку донаторски проекти. Конкретно, рудникот го започна третиот дел од проектот наменет за подигнување на јавната свест и зајакнување на безбедноста во сообраќајот, кој САСА го спроведува во партнерство со Општина Македонска Каменица и Министерството за внатрешни работи. Оваа фаза опфаќа поставување на нови сообраќајни знаци, ознаки на пешачки премини и други технички решенија на неколку улици во Македонска Каменица, со цел да се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Општината изработи соодветен технички план за проектот со кој се идентификуваат критичните области за подобрување на локалната сообраќајна инфраструктура. Дополнително, како дел од едукативната компонента на овој проект, што се одвива под мотото „Отвори очи и со памет! Во сообраќајот не си сам“, САСА ја поддржа дистрибуцијата на едукативни брошури за возачите од страна на отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи – Штип, во кои се нагласени најважните безбедносни правила и совети за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Вториот донаторски проект кој во овој период се реализираше со поддршка од САСА е обновата на ентериерот на детската градинка во Македонка Каменица. Притоа, целосно е обновена просторијата наменета за најмалите во градинката, а набавени се и нови шкафчиња, гардеробери, масички, столчиња и друг потребен мебел, со што значително се унапредуваат условите за престој на децата. 

Во своите тековни напори за промовирање на еколошката одржливост, рудникот САСА за празникот најави донација и на вендинг-машина за рециклирање на пластични шишиња и лименки. Вендинг-машината ќе му биде донирана на општинското комунално претпријатие „Камена река“, кое треба да ја одреди локацијата каде ќе биде поставена. По неговото поставување, жителите и посетителите на Македонска Каменица ќе можат да ги одложуваат искористените пластични шишиња и лименки, а за возврат да добијат т.н. зелени поени кои ќе можат да се искористат за различни поволности. Слични машини веќе се поставени и работат на локацијата каде што се наоѓа рудникот.

Како дел од прославата на Денот на рударите, рудникот САСА го одбележа и официјалното пуштање во употреба на новиот апарат за дигитална радиографија во Здравствената станица во Македонска Каменица. Донираната опрема, вредна над 80.000 евра, е најсовремен медицински апарат кој претставува значаен напредок во медицинската технологија и овозможува прецизна рендгенска слика и дијагностика за подобрување на здравствените услуги во локалната заедница.