25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Блерим Рамадани додека бил во притовор се шетал на Косово?

Опозициската партија СДСМ денеска соопшти нови детали за бегството на Блерим Рамадани, поранешен припадник на ОВК од Косово кој по потерница од Србија беше уапсен во Македонија па наместо во притвор беше пуштен во куќен притвор од каде што избега.

Според податоците со кои располага СДСМ, постојат индиции дека Рамадани и додека бил во куќен притвор одел во Косово и назад. Тоа го знаеле надлежните во Министерството за внатрешни работи. СДСДМ бараат одговори од министерот за внатрешни, Панче Тошковски и од коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, ВЛЕН.

„Дали е точно дека на 10.08., кога Рамадани бил во куќен притвор, тој всушност си бил во Косово? Дали е точно дека на тој ден околу 18 часот и 40 минути, Рамадани со возило, без да биде застанато на границата, бил однесен во Косово и доцна вечерта вратен во куќниот притвор во Македонија?“, праша на денешната прес-конференција пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески.

Тој додаде дека ги имаат деталите за овие наводи и доколку надлежните не ги објават тоа ќе го сторат тие. Дополнително, потенцира Трајчулески, слична била шемата и начинот на кој Рамадани успеал да избега од државава.

„Прашуваме, дали е точно дека на 14.8 односно дента кога е избеган Рамадани, тој ја напуштил државата на ист начин со службено возило на државна институција, управувано од човек вработен во институциите, а повторно пропуштен на граничниот премин без никаква контрола? Дали ова не значи дека не станува збор за бегство, туку организирано пуштање на затвореникот во Косово во кое учествувале македонските институции? Дали ова не е всушност партиско полициска организирана шема? “, прашува Трајчулески.

СДСМ ги повика министерот Тошковски и Владата да излезат јавно и да ја соопштат вистината за, како што велат, партизираната и узурпирана државна граница со Косово од страна на структури на власта.

„Го прашуваме Тошковски, дали е можно човек баран со меѓународна потерница буквално да се шетал преку границата два пати додека де факто е во притвор кој треба да го обезбедува МВР? Која е улогата на МВР во овозможување на прошетките на Рамадани и негово конечно напуштање непречено на државата?“, истакна Трајчулески.

Од СДСМ дадоа рок од 24 часа за одговор на нивните прашања, во спротивно најавија дека информациите што ги добиле од свиркачи ќе ги објават јавно.