23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
ПРОМОМАКЕДОНИЈА

Заради можни повреди на правото на сопственост Уставниот суд донесе времена мерка за запирање на сите правни дејствија од член 368 од Законот за облигациони односи

Службен весник ја објави одлуката на Уставниот суд за поведување на иницијатива за оценување на уставноста на членот 2 и членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи. Во информацијата на профилот на Уставниот суд на Фејсбук се вели:
„Неможноста да се реализира побарувањето во целост, поради временското ограничување на извршувањето, значи намалување на имотот на доверителот, во корист на должникот, иако совесно поднел барање за извршување и со ништо не манифестирал дека се откажал од побарувањето утврдено со извршната исправа, што имплицира повреда на уставно загарантираното право на сопственост“.
Уставниот суд понатаму образложувајќи ја својата одлука, наведува дека временското ограничување, предизвикува нееднаков третман на доверителите, во поглед на можноста од целосна реализација на побарувањата, што е спротивно на уставните принципи на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
Одлуката на Уставниот суд за поведување на иницијатива се однесува на членот 368, каде се предвидува застарување на долгови или побарувања постари од 10 години и истите се отпишуваат. Објавена е и времената мерка со која се запира било какво постапување по овие членови, сѐ додека Уставниот суд не ја заврши постапката за оценување на уставноста.

Спорните измени предизвикаа силни реакции во јавноста и од граѓаните и од стручната фела. Конфузија настана и во примената на овој член што отвора низа други прашања. Од адвокатските канцеларии велат дека сега со времената мерка се запира примената на овој член. Но, оттаму додаваат дека во пракса овој член од Законот за облигациони односи не се ни применувал од неговото донесување, односно скоро една година, заради неговата неприменливост.

Од адвокатските канцеларии велат дека нивните клиенти, во најголем процент граѓани, ја примија одлуката на Уставниот суд со големо олеснување, бидејќи стравуваа дека не ќе можат да ги наплатат своите побарувања.

„Ова е надеж дека сепак нивните побарувања нема да пропаднат и дека нивното право на сопственост, што е загарантирано со Уставот, нема да биде нарушено“, велат адвокатите.

Најчесто се работи за ранливи групи кои имаат побарувања по различни основи, како на пример, алиментација, наплата на надомест за издршка на дете, побарувања од остварување на надомест од несреќен случај, при услови кога настапува смрт, телесна повреда или оштетување на здравјето, а проблематичен аспект се и постапките за исплата на плата и други надоместоци од работен однос.
Уставниот суд одлучуваше по иницијативите поднесени од адвокатот Љупчо Кузмановски и иницијативата поднесена од Предраг Баришиќ.
За штетните последици од овој член од Законот за облигациони односи реагираа и Стопанската комора и Адвокатската комора на Македонија.

Реакциите се однесуваа исклучиво за членот од законот со кој се предвидува отпис на долговите постари од 10 години, а не за отпис на каматите, како што се шпекулираше во јавноста. Поднесените иницијативи се однесуваат исклучиво за преиспитување на отписот на долговите, додека измените кај намалувањето на каматите остануваат на сила.
И стручната јавност смета дека Уставниот суд покажа силен интегритет и отвореност да анализира и оценува иницијативи за деликатни законски решенија од повеќе аспекти и коментираат дека времената мерка и запирањето на примената на овој член им дава насоки како да постапуваат во периодот до конечната одлука по овие иницијативи.