28. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Кога суровоста и садизмот се користат во име на идеологија или држава

ЏАБИР ДЕРАЛА

Универзална декларација за човековите права

Члeн 5: Никој нема да биде подложен на тортура или на суров, нехуман или понижувачки третман или казна.

Пред точно десет години, Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортурата со моите колешки и колеги го одбележавме со организирање фото петиција #StopTorture во која, освен нас, учествуваа стотина активистки и активисти, луѓе од медиумите, политиката и јавниот живот. И тогаш и пред и потоа, пишувавме соопштенија за јавноста, новинарски стории и едукативни текстови, говоревме на средби со граѓанките и граѓаните, потпишувавме меѓународни петиции за ставање крај на тортурата…

Во меѓувреме, светот стана уште побрутален.

И на овој 26 јуни се сеќаваме на ужасните жртви на тортура од рускиот агресор во Украина. Буча, Ирпен, Мила, Тетерев, Мотижин, Иванкив, Гостомел… Гратчиња и села во областите Кијив, Харкив, Чернихив, Мариупол… засекогаш ќе останат врежани во сеќавањето. Ипровизираните комори за бездушно измачување и убивање во окупираните територии, „филтрационите“ логори, и секаде каде што окупаторите имаат „лиценца“ да се изживуваат врз недолжните цивили, деца и жени, и врз воените заробеници.

Жртвите на тортура ги наоѓаме и во руските полициски станици и затвори, каде што опозиционерите ја наоѓаат својата смрт, како Навални, а ноторни криминалци, сериски убијци и силувачи се ослободуваат и заминуваат на фронтовите во Украина. Теророт и тортурата беа и останаа главни одлики на руската „култура“ на владеењето дома и војувањето надвор.

Денеска се сеќаваме и на незнајниот број на жртвите од тортура во кинеските концентрациони логори за Ујгурите, тортурата и силувањето во талибанските затвори, ужасното страдање на Палестинците во окупираните територии, ѕверското мачење на затворениците во Еквадор, Иран, Шри Ланка, Етиопија, Сирија, Еритреја, Конго, Турција, Египет, Камерун… насекаде низ светот. Овде се набројани само дел од државите каде што тортурата е вообичаена пракса  во полициските, воените или паравоените структури во тие и во низа други земји.

Безбедноста и потребата за извлекување разузнавачки информации не се единствените „оправданија“ за тортурата. Таа се користи, едноставно, за да се задоволат садистичките пориви на мачителите чии постапки се одобрени, па и охрабрени од командните и раководните структури. Тоа е стратешка одлука, тортурата да се применува како казна и како терор за населението што се таргетира.

За нормален човек е несфатливо како може некој под униформа да спроведе тортура, дури и врз дете, девојка или жена. И да ги измачуваат додека не им згасне животот во најстрашни маки. Но тоа се случува, секаде во земјите набројани погоре и во многу други.

Нема начин да се опишат страдањата на жртвите на тортурата, физичка, сексуална и ментална. Преживеаните жртви на тортурата се опкружени со ѕидови на молкот, особено жените и ЛГБТ лицата. Затоа и не е позната вистинската бројка на жртви ширум светот. Но познато е дека бројот на жртвите расте секоја година.

Немам заклучок, ниту порака во овој текст. На овој ден сум само згрозен од бескрајната нечовечност и суровост што со леснотија се користи во име на некоја идеологија или режим.


Текстот е личен став на Авторот | ЦИВИЛ МЕДИА