„Никогаш не смее да им се дозволи на мачителите да се извлечат од нивните злосторства, а системите што овозможуваат тортура треба да се уништат или трансформираат“
Антонио Гутереш, Генерален секретар на ОН
Тортурата се обидува да ја уништи личноста на жртвата и го негира вроденото достоинство на човечкото суштество. И покрај апсолутната забрана за тортура според меѓународното право, тортурата опстојува во сите региони во светот. Загриженоста за заштита на националната безбедност и границите сé повеќе се користи за да се дозволи тортура и други облици на сурово, нечовечно или понижувачко постапување. Неговите сеопфатни последици често го надминуваат изолираниот чин врз поединецот и може да се пренесуваат низ генерации и да доведат до циклуси на насилство.
Обединетите нации од самиот почеток ја осудија тортурата како едно од најлошите дејства извршени од човечки суштества врз човечки суштества.
Тортурата претставува кривично дело според меѓународното право. Според сите релевантни инструменти, тоа е апсолутно забрането и не може да се оправда под кои било околности. Оваа забрана сочинува дел од меѓународното вообичаено право, што значи дека е обврзувачка за секоја членка на меѓународната заедница, без разлика дали некоја држава ратификувала меѓународни договори во кои тортурата е изрично забранета. Системската или широко распространетата пракса на тортура претставува злосторство против човештвото.
На 12 декември 1997 година, со резолуција 52/149, Генералното собрание на ОН го прогласи 26 јуни како Меѓународен ден на Обединетите нации за поддршка на жртвите на тортура, со цел целосно искоренување на тортурата и ефективно функционирање на Конвенцијата против тортура и друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување.
26 јуни претставува можност да се повикаат сите засегнати страни, вклучително и земјите членки на ОН, граѓанското општество и поединци насекаде да се обединат во поддршка на стотиците илјади луѓе низ светот кои биле жртви на тортура и оние кои сé уште се мачени денес.
Закрепнување преку рехабилитација
Закрепнувањето од тортура бара брзи и специјализирани програми. Работата на центрите за рехабилитација и организациите ширум светот покажа дека жртвите може да ја направат транзицијата од ужас кон закрепнување. Доброволниот фонд за жртви од тортура на ОН, администриран од Канцеларијата на ОН за човекови права во Женева, претставува единствен механизам фокусиран на жртвите кој канализира финансирање за помош на жртвите од тортура и нивните семејства. Основан во 1981 година со мандат да ги поддржува жртвите од тортура и нивните семејства, Фондот работи преку канализирање на доброволни прилози до граѓански организации кои обезбедуваат правни, социјални, химанитарни, психолошки и медицински услуги. Корисници се бранители на човекови права, лица лишени од слобода, деца и адолесценти, бегалци и мигранти, жртви на присилно исчезнување, домородни народи, жртви на сексуално и родово базирано насилство и ЛГБТИ лица, меѓу другите. Доброволниот фонд за жртви од тортура на ОН прима донации.
За да посведочите како службите за рехабилитација им помагаат на преживеаните од тортура во закрепнување, погледнете го трејлерот на Фондот за тортура на ОН, во кој се прикажани интервјуа со организации-корисници, преживеани и довереници.
Зошто го одбележуваме 26 јуни?
Меѓународниот ден на ОН за поддршка на жртвите од тортура на 26 јуни го одбележува моментот во 1987 година кога Конвенцијата на ОН против тортура и друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување, еден од клучните инструменти во борбата против тортурата, стапи на сила. Денес, има 173 држави членки на Конвенцијата.
Што претставува тортура?
„Поимот ‘тортура’ значи секое дело со кое намерно се предизвикува силна болка или страдање, физичка или душевна, на некое лице, за цели како што се добивање информации од тоа или трето лице или признание, казнувајќи го за дело што тоа или трето лице го извршило или за кое постои сомневање дека го извршило, или заплашување или принудување на тоа или трето лице, или од која било причина заснована на дискриминација од кој било вид, кога таквата болка или страдање е нанесена од или по поттик на или со согласност или прифаќање на службено лице или друго лице кое дејствува во службено својство. Тоа не вклучува болка или страдање кои произлегуваат само од, својствени или случајни на законските санкции“ — Конвенција против тортура и друг вид сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување (1984, член 1, став 1)
Превод: Н. Цветковска / ЦИВИЛ
Извор: Civilmedia.mk