Интегрален текст од соопштението на Кабинетот на Претседателот:
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Босна и Херцеговина, Драган Јаќимовиќ.
На средбата се разговараше за севкупните билатерални односи на двете земји, можностите за соработка во повеќе области од заемен интерес, како и за унапредувањето на регионалната соработка во насока на справување со предизвиците во однос на регионалната безбедност и европските интеграции.
Претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји кои се карактеризираат со заемно разбирање, поддршка и почит. Таа нагласи дека постои интерес за продлабочување на економската соработка преку искористување на можностите и потенцијалите за зголемување на трговската размена, како и за натамошно унапредување на политичкиот дијалог.
На средбата, претседателката Сиљановска Давкова ја поздрави одлуката на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина и притоа ја истакна македонската поддршка за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет согласно Дејтонскиот мировен договор. Таа истакна дека ќе продолжи и понатаму нашата поддршка за европските и евроатлантските аспирации на Босна и Херцеговина изразувајќи ја нашата подготвеност за размена на искуства на тој план.
Во однос на регионалната соработка, Претседателката нагласи дека треба заеднички да се продолжи да се работи на нејзиното унапредување со цел справување со предизвиците за регионалната безбедност и европската интеграција на регионот.