25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сè повеќе повици за присуство на змии во Македонија, ЦУК со апел за внимателно движење во природа

На секои неколку дена има пријава за змии и во населени места.

Центарот за управување со кризи информира дека во земјата нема специјализирана служба за нивно заловување и безбедно отстранување. Од ЦУК велат дека претходно граѓаните се жалеле дека не ги упатуваат до заловувач, со кој би можеле да стапат во контакт, а сега кога дежурните служби им нудат контакт со лица што приватно се занимаваат со таа дејност, некои граѓани се лутат што услугата не е бесплатна. Повеќето од граѓаните, сепак, покажуваат разбирање споредувајќи го тоа со договорна услуга кога повикуваат мајстор за поправка во домот, велат од ЦУК, потсетувајќи дека е сезона на пожари, па пожарникарите не може да интервенираат за ваков тип специфични и ретки случаи, меѓу кои и симнување мачки од високи места и дрвја.

„Почестата појава на змии во населени места укажува дека локалните самоуправи, а секако и на повисоко ниво специјализирани институции од ветеринарната област, во рамките на своите можности е пожелно да се обидат во соработка со професионалци од ветеринарната област да им помогнат на граѓаните и за одбивање од одредени површини и реони со разни еколошки средства против змии, а и со безбедно заловување во одредени случаи кога се во објекти во населени места“, велат од ЦУК.

Препорачливо е внимателно движење во природа, а при средбите со диви животни да бидете смирени и да не се приближувате до животните многу блиску од љубопитност бидејќи природата нема заштитни огради како во зоолошка градина. Тие се диви животни и ако се почувствуваат загрозено, заради нивна самозаштита, може да нападнат, конкретно за одбрана на својот личен безбедносен простор, а потоа да избегаат. Носете стапови за движење во природа и низ густата вегетација пред вас да проверувате и да ги избркате змиите, секако ако ги има пред вас, а ако има случајно каснување од змија, да се повика 112.

Сите итни случаи се пријавуваат на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи./Извор:Makfax