Кандидатот за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, проф. д-р Венко Филипче во програмата ,,Нов СДСМ за нови победи” предвидува обединување на сите компетентни и искусни кадри кои во минатото и сега придонесувале во партијата и општеството.
Реорганизацијата на партијата и новите тела ќе придонесат за ефикасна и функционална партиска организација.
Освен промена на начинот на внатрепартиските избори за општински раководства, во СДСМ ќе се формираат три нови тела: Советот за политика и стратегија, Секретар за односи со општинските и месните комитети и Комисија за етика и одговорност, како и секторски комисии.
„СДСМ располага со огромен човечки потенцијал, луѓе кои секогаш биле блиски до партијата, делеле исти вредности и ставови, но во изминатите години се пасивизирале или повлекле од различни причини. Една од моите главни цели е обединување на сите компетентни и искусни кадри кои во минатото и сега придонесувале во партијата и општеството. Како претседател, ќе се потпирам на нивните стручни мислења, искуства и анализи преку кои ќе се градат партиските политики. Јас верувам во тимска работа, верувам во знаење, искуство и наука и секој кој сака да помогне ќе биде добредојден во партијата“ – рече Венко Филипче на средби со членовите.
Еден од главните столбови во функционирањето на партијата ќе биде Советот за политика и стратегија. Советот ќе се состои од политичари, експерти и надворешни соработници кои на дневна основа ќе ги анализираат политичките состојби и ќе креираат стратегии и политики за партијата. Во Програмата на Филипче е предвидено Советот да биде задолжен да го контролира идеолошкиот развој и позиции на партијата и да ги усогласува политиките на социјалдемократските принципи. Функцијата на овој совет ќе биде навремено да реагира за партијата да може да се прилагоди на сите предизвици преку одлуки што ќе бидат добро обмислени и базирани на докази што има за крајна цел подобрување на кредибилитетот на партијата.
Во рамки на Советот за политика и стратегија ќе се формира уште едно тело-Советот на ветерани на партијата.
Според Програмата, овој Совет ќе биде составен од искусни поранешни политичари на СДСМ и ќе служи како советодавен одбор на претседателот. Користејќи го големото значење и искуство на неговите членови, СДСМ во иднина ќе носи издржани стратешки одлуки. Советот ќе игра клучна улога во зајакнување на кохезијата во партијата и обединување на сите струи и крила, е наведено во Програмата на Филипче.
Следење на евалуација на работата на партиските и државните функционери и брза реакција при неетичко и коруптивно однесување, ќе биде во надлежност на Комисијата за етика и одговорност.
Создавањето на оваа Комисија е критичен чекор во обезбедувањето транспарентност и етичко однесување во СДСМ. Комисијата ќе се погрижи сите членови на партијата, од најниско до највисоко раководно ниво, да се придржуваат до кодексот на однесување на партијата.
Програмата на проф. д-р Венко Филипче подемократска, потранспарентна, прогресивна СДСМ .