Венко Филипче, кој беше носител во Изборната единица четири на листата на СДСМ и доби пратенички мандат, денеска официјално објави дека ќе поднесе кандидатура за претседател на партија.
Во објава на неговиот Фејсбук профил, Филипче ги повика членовите и симпатизерите на СДСМ да му се приклучат во намерата за обновување, реформирање и повторно издигнување на СДСМ.
„Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок“, пишува Филипче.
Тој наведува дека СДСМ се соочува со голем предизвик и поминува низ најтешките моменти по поразот што го доживеа на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај. Сепак, додава тој, поразот треба да послужи како моќен катализатор за промени и обнова.
„Мораме да учиме од нашето минато, да ги отстраниме сите недостатоци и да излеземе посилни и пообединети од кога било досега. СДСМ отсекогаш бил и останува столб на демократијата, правдата и напредокот. Силен СДСМ им е пред сѐ потребен на граѓаните како коректив на политиките и насоката во која се движи земјата“, наведува Филипче на Фејсбук.
Филипче најави инклузивна кампања во која ќе има многу средби дискусии со членството и симпатизерите за да ги слушне нивните размислувања и идеи кои ќе помогнат СДСМ да се врати на победничките патеки. Покрај тоа, како што вели, ќе води кампања со највисока почит кон своите противкандидати.
„Сите ние сме пред сѐ пријатели и колеги и имаме заедничка цел – посилен и подобар СДСМ. Ова мора да биде натпревар на идеи и визии, а не бојно поле на лични напади. Нашата заедничка цел е да го зајакнеме СДСМ и да им служиме на граѓаните, затоа мора да пристапиме со единство и меѓусебно почитување“, вели Филипче.
Во таа насока, Филипче упати покана до своите колеги кандидати за претседателската функција во СДСМ за средба на која ќе ги договорат правилата на фер и демократска кампања во која, како што наведува, на крајот сите ќе излезат и помудри и пообединети. Филипче упати повик и до членството и симпатизерите на СДСМ и до граѓаните:
„Ве поканувам да ми се придружите на ова патување за реформирање и зајакнување на СДСМ, за создавање партија која вистински ги застапува вредностите и потребите на нашите граѓани. Заедно, можеме да изградиме попросперитетна иднина за сите“.Филипче: Да ја обновиме, реформираме и повторно подигнеме СДСМ!