23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Ангеловска-Бежоска: Политики за поголема финансиска вклученост на жените се неопходни за забрзување на економскиот раст

Развој на политики кои ќе ги стимулираат жените да се вратат на пазарот на труд, поддршка од државата и работодавачите во однос на обврските на жената во семејството, адресирање на сите извори на родовите разлики и дизајнирање на нови иновативни технолошки решенија кои ќе овозможат поголема финансиска инклузија на жените, се политиките кои ќе придонесат кон поголема вклученост на жените во економијата, а со тоа и забрзување на економскиот раст, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во своето излагање на панел-дискусијата „Поддршка на жените во финансиите-рушење на бариерите”, во организација Економскиот факултет при Универзитетот во Тетово. Настанот го отвори ректорот на Универзитетот во Тетово проф. д-р Јусуф Зејнели, а се обрати и деканот на Економскиот Факултет, проф. д-р Брикенд Азири.

Гувернерката, на панелот на кој учествуваа и претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Нора Алити, продеканката на Економскиот факултет Вјолца Хасани Лимани, главниот извршен директор на АД „Македонска берза“, Иван Штериев и претприемачката Гзиме Фејзи, се осврна подетално на пристапот на жените до финансиите и улогата во развојот на претприемаштвото. Таа истакна дека согласно податоците на последната анкета „Барометар на женското претприемништво“, околу 67,8% од анкетираните жени претприемачи сметаат дека пристапот до финансии под поповолни услови е една од значајните форми на поддршка за нивните бизниси. Кога ќе се погледнат статистиките за бројот на кредитокорисници, вредноста на земените кредити, како и лицата кои поседуваат платежни сметки кај нас, очигледна е доминацијата на мажите (околу 55% од вкупниот број кредитокорисници се мажи, 62% од вредноста на кредити на население отпаѓа на мажи, 90% од мажите наспроти 80% од жените имаат платежни сметки). Притоа, гувернерката ја истакна важноста на потребата за поголема финансиската инклузија на жените, но и финансиската едукација на жените, како основа за развој на женското претприемаштво, а со тоа и поттикнување на економскиот развој.

„Поголемата финансиска инклузија на жените претприемачи преку развивање вештини, знаења, изработката и следењето на соодветните податоци и пристапот до финансиски средства се основните цели на пилот-проектот со кој ќе раководи Народната банка со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку кој ќе се градат мостови помеѓу јавниот и приватниот сектор за зголемување на финансиската вклученост на жените, што ќе придонесе за отворање нови бизниси и работни места и за придвижување на економскиот раст”, истакна гувернерката.

Покрај тркалезната маса, во рамки на работната посета на Универзитетот во Тетово беше потпишан Меморандум за соработка во областа на едукацијата и истражувањето, помеѓу Народната банка и Економскиот факултет при Универзитетот во Тетово, од страна на гувернерката и ректорот, проф. д-р Јусуф Зејнели. Меморандумот предвидува соработка помеѓу двете институции во реализација на научноистражувачки конференции, семинари, работилници и други настани, како и поддршка во унапредувањето на студиските програми за потребите на монетарната и макроекономската политика и банкарскиот систем и подобра едукација на студентите.