„Западен Балкан има капацитет да привлече големи енергетски инвестиции со кои ќе се користат сонцето и ветрот за производство на струја, како обновливи извори кои на овие простори ги имаме во изобилство“ рече Националниот координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец, во интервју за „Цивил медиа“.
Тој додаде дека предуслов за тоа е регионот сѐ повеќе и повеќе да станува единствен пазар, да се отстрануваат економските бариери и граници и да се обезбедува што е можно повеќе слободен проток на луѓе, услуги, производи и стоки меѓу шесте држави, но и меѓу регионот и земјите членки на ЕУ.
„Држави кои се соочуваат со внатрешни политички кризи и кои демонстрираат национализам на внатрешен и надворешен план – не се во можност искрено и суштински да соработуваат со своите соседи“ рече Забрчанец.
Тој додаде дека национализмот подразбира наметнување на еден етникум наспроти друг, а во случајот на Западен Балкан тоа неминовно подразбира и конфликти со соседите и меѓу различните етнички групи кои се прелеваат од една во друга држава.