30. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Новиот претседател на Тајван ѝ порача на Кина: Престанете да ни се заканувате

Претседателот на Тајван, Лаи Чинг-те денеска побара од Кина да ги прекине своите воени и политички закани, велејќи во својот инаугуративен говор дека мирот е единствениот начин и дека Пекинг мора да го почитува изборот на тајванскиот народ. Обраќајќи им се на толпата собрани пред канцеларијата на претседателот во центарот на Тајпеј, Лаи рече дека сака да разговара со Кина, која го гледа островот како своја територија и никогаш не ја отфрли можноста за употреба на сила за да го врати под своја контрола.

„Ја повикувам Кина да престане политички и воено да го заплашува Тајван и да преземе глобална одговорност заедно со Тајван за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и во регионот, за светот да не мора да се плаши од избувнување на војна. И ние сакаме да го објавиме ова на светот: Тајван не прави отстапки во однос на демократијата и слободата. Мирот е единствениот начин и нашата цел е долгорочен мир и стабилност“, рече тој.

Засега нема реакција од Кина, која го нарече Лаи сепаратист пред изборите во јануари. Лаи (64), кој ја презеде функцијата од поранешниот шеф на државата Цаи Инг-вен, на која беше потпретседател во последните четири години, рече дека луѓето мора да бидат реални и да ги сфаќаат сериозно заканите и дека Тајван мора да покаже дека е решен да се брани.

„Почитувани сограѓани, мирот е нашиот идеал, но не смееме да имаме илузии. Пред Кина да се откаже од употребата на сила за напад на Тајван, граѓаните мора да знаат: Дури и ако ги прифатиме сите кинески барања и се откажеме од нашиот суверенитет, амбициите на Кина нема да исчезнат“.

Лаи привлече силен аплауз од толпата кога рече дека Република Кина, официјалното име на Тајван и Народна Република Кина „не се подредени една на друга“.

Тајванското Министерство за одбрана во денешниот дневен извештај објави дека шест кинески авиони ја преминале централната линија на Тајванскиот теснец, кој претходно служел како неофицијална граница, но Кина не го признава./Извор:Makfax