Голем број европски претставници изјавија дека се „потресени“ од веста за пукањето во кое беше ранет словачкиот премиер Роберт Фицо, кој, како што пренесува „Гардијан“, бил застрелан во пределот на стомакот и сега е на операција.
„Силно го осудувам гнасниот напад врз премиерот Роберт Фиц. Ваквите акти на насилство немаат место во нашето општество и ја поткопуваат демократијата, нашето најскапоцено општо добро. Моите мисли се со премиерот Фиц и неговото семејство“, напиша претседателот на Европската комисија на платформата Х.
„Шокиран сум од информацијата за нападот на словачкиот премиер Фицо по состанокот на словачкиот кабинет во Хандлова. Ништо не може да оправда насилство или такви напади. Моите мисли се со премиерот и неговото семејство“, напиша претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Унгарскиот премиер објави на Твитер: „Бев длабоко шокиран од грозоморниот напад врз мојот пријател, премиерот Роберт Фиц. Се молиме за негово здравје и брзо закрепнување! Господ да го благослови него и неговата земја!“
Дека е „шокиран“ од овој настан изјави и чешкиот премиер Петр Фиала.
Тој му посака брзо закрепнување на Роберт Фицо и рече „не смееме да толерираме насилство, тоа не смее да има место во општеството“.
Фиќо денеска е застрелан во градот Хандлова, каде се одржуваше седницата на Владата. По седницата тој излегол пред Центарот за култура каде ги поздравувал луѓето и во тој момент се слушнале истрели. Неговото обезбедување веднаш го пренело во болница.
Министерството за внатрешни работи на Словачка соопшти дека се работи за атентат. Според локалните медиуми, Фицо е во тешка состојба.