Претседателските и парламентарните избори, кои будат особен интерес не само во земјава туку и пошироко, а кои ќе се одржат утре (8 мај), ќе ги мониторира и Центарот за слобода на ЦИВИЛ, а претседателот на ова организација Џабир Дерала вели дека ЦИВИЛ ужива огромна доверба кај граѓаните што е додадена вредност на ова организација.
„Ние во ЦИВИЛ сме горди што уживаме огромна доверба кај сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија, без оглед на која заедница ѝ припаѓаат. Ние сме свесни дека сите наши наоди и анализи се следат со внимание и се сметаат за релевантни и точни, независно од тоа што одредени ентитети и структури се обидуваат да ги дискредитираат“, истакна Дерала.
Тој се надева дека утрешниот ден ќе помине во мирна атмосфера и дека општеството е веќе созреано и тежнее кон демократија.
„Верувам дека ќе имаме уште еден изборен ден кој ќе покаже дека македонското општество е зрело и тежнее кон демократија“ рече Дерала.
Според него во периодот по изборите, ќе продолжуваат со истражувања и анализи за изборните и политичките трендови и процеси во поширок контекст.
Претходно од ЦИВИЛ – Центар за слобода информираа дека изборите ќе ги мониторира утрешните избори со 80 набљудувачи, а во текот на денот ќе одржи осум прес конференции на македонски и албански јазик.
Од таму велат дека во ова организација можат да пријават нерегуларности преку телефон и нивната веб страница.
ЦИВИЛ спроведува сеопфатен непартиски и професионален долгорочен изборен мониторинг на претседателските и парламентарните избори од воспоставувањето на техничката влада на 28 јануари. Мониторингот се спроведува во повеќе области и категории, соодветно на уникатната методологија за мониторинг што организацијата ја унапредува од 2008 година наваму.
Назми Абдурахмани
Извор: Civilmedia.mk