Јулија Навални, вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, денеска по повод инаугурацијата на Владимир Путин за претседател на Русија изјави дека неговиот режим се заснова на лаги и корупција и дека мора да му дојде крајот.
„За мене лично, последните шест години од владеењето на Путин беа годините во кои мојот сопруг, Алексеј Навални, вистински руски патриот, беше прогонуван, отруен со хемиско оружје, суден, мачен во затвор три години, а потоа убиен“, рече Навална и го обвини рускиот претседател за сето тоа. Како што рече таа во видеото објавено на Јутјуб, со секој негов мандат се се влошува и додаде дека е страшно да се замисли што друго ќе се случи доколку Путин остане на власт.
„Секојдневно ни се крадат огромни суми пари за да се бомбардираат мирните градови“, им порача Јулија на граѓаните на Русија и истакна дека Путин се плаши да ги открие вистинските бројки на жртвите на „крвавата и бесмислена војна што никој не ја сака освен него”.
Таа рече дека Русија со Путин „нема да има ниту мир, ниту развој, ниту слобода“, и дека тој го изневери ветувањето дадено за време на последниот инаугуративен говор кога рече дека сака мирна Русија, безбедна за нејзините граѓани.
„Пред два месеци Русија доживеа масовна трагедија, еден од најголемите и најстрашните терористички напади во поновата историја. Руските безбедносни сили не успеаја да го спречат и дозволија десетици смртни случаи на наши сограѓани. А сепак, мирни поединци секојдневно се апсат поради новинарство, мислења или дури објави на социјалните мрежи“, рече Навална. Таа додаде дека мора да се осигура дека никој во светот нема доверба во Путин, ниту во Русија, ниту надвор од нејзините граници.
„Нашата земја моментално ја води лажго, крадец и убиец, но на тоа ќе му дојде крајот. Не се откажувајте, вистината ќе победи“, заклучи Јулија./Извор:Makfax