25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Ја зголемивме минималната плата за 120 отсто, просечната за 80, а пензиите за 55 отсто

„Ја зголемивме минималната плата за 120%, просечната за 80%, а пензиите ги зголемивме за 55%. 100 милиони евра дадовме за поддршка и развој на домашните компании, со 2,6 милијарди евра антикризни мерки ги поддржавме граѓаните и стопанството и ја спасивме земјата од колапс“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на централниот митинг во Скопје.

Тој додаде дека СДСМ ја прифати кризата како шанса за промена на државата на подобро и во тешки услови обезбеди 2 и пол пати повисоки странски директни инвестиции, а започна и енергетската транзиција на земјата.

„Затоа што, сите однадвор ја видоа Македонија како стабилна, прогресивна и посакувана држава за инвестиции! И успеавме во огромно намалување на невработеноста, во подигање на животниот стандард, во креирање на стабилност, безбедност и извесност“ рече Ковачевски.

Претседателот на СДСМ додаде дека ако претходно дилемата била дали ќе не биде или не, денес се разговара за тоа колку брзо државата ќе стане членка на Европската Унија.

„Тоа е вистински прогрес, тоа е вистинска работа, да успееш за подобар живот на граѓаните, и тоа што е можно побрзо, бидејќи граѓаните и Македонија, немаат повеќе време за чекање“ рече Ковачевски.