23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Вицегувернерката Митреска: Трендовите се поволни, но Народната банка и натаму е претпазлива во носењето на монетарните одлуки поради присутните ризици

„Народната банка на последниот состанок на Комитетот за оперативна монетарна политика одлучи да не ја менува основната каматната стапка и ја задржа на 6,3 %, со оцена дека таа соодветствува со условите во економијата“, истакна вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска во интервју на ТВ „Блумберг Адрија“. Таа додаде и дека сите показатели коишто внимателно ги следи централната банка, во контекст на носењето на монетарните одлуки, се придружени со поволни трендови, меѓутоа ризици и натаму има и оттаму Комитетот заклучува дека е потребно внимателно водење на монетарната политика и во овој период.

„Има видливо забавување на инфлацијата. Во првото тримесечје, годишната инфлација се спушти на 3,4%, што всушност е слично на темпото на растот од почетокот на 2021 година. Онака како што очекувавме, и распонот на нашата инфлација е значително намален во однос на еврозоната, по неговото првично зголемување, поради тоа што структурата на нашата економијата е таква што првичните ценовни шокови однадвор многу посилно и побрзо нè погодуваат. Сите овие промени соодветствуваат со движењето на цените на светските берзи, каде што цените на храната и енергентите постепено се нормализираат, но и со позатегнатите финансиски услови“, нагласи вицегувернерката Митреска.

„Тековно сме во процес на ревизија на проекциите, во кои ќе ги вградиме сите најнови информации во контекст на најновите макроекономски проекции. За Народната банка е важно процесот на дезинфлација да стане одржлив, а ризиците да не се остварат. Доколку и натаму има поволни промени во динамиката на инфлацијата и ако истовремено и подолгорочните проекции покажат враќање кон историски ниските нивоа, ќе има одреден простор за промени во монетарната политика во втората половина на годината“, истакна вицегувернерката Митреска.