„ВМРО-ДПМНЕ на чело со Мицкоски е истото ВМРО-ДПМНЕ кое на чело со Груевски 11 години ја зароби државата внатре, а ја изолираше надвор. Мицкоски гордо чекори по стапките на неговиот идол со адреса на живеење во Будимпешта. Исто како и Груевски, спремен е Македонија уште 100 години да не влезе во ЕУ“ рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на почетокот на кампањата за парламентарните избори.
Тој додаде дека тоа не само што е штетно, туку е и опасно за иднината на нашата држава и за иднината на нашите деца.
„Јас знам дека патот до ЕУ е сè уште тежок. Свесен сум дека пред нас има уште многу пречки. Но, во исто време немам дилема дека ЕУ е единствениот начин да се сменат работите на подобро. Благодарение на сè што направи Владата на СДСМ во изминатите години, денес сме поблиску до европското семејство од кога било претходно и би било огромна грешка ако се откажеме или го закочиме процесот“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ додаде дека мнозинството граѓани се свесни за европските вредности и што значат тие за нас како држава и општество.