Екс министерот за здравство Венко Филипче, реагира на ставот на кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова за штрајкот на специјализантите.
„Да ја потсетам кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска дека нејзината партија 11 години од приватните специјализанти правеше социјални случаи. Тоа не го кажувам јас тоа се зборови на моите млади колеги. Силјановска изгледа не знае дека ВМРО-ДПМНЕ трудот на приватните специјализанти го вреднуваше 0 денари. Со букви НУЛА денари. Таа како пратеник во последниот парламентарен состав можеше, исто така, да иницира измени во законот. Ама тогаш веројатно немала ни слушнато за оваа категорија здравствени работници, а сега во кампањата се обидува на нивни грб да прави политички поени“ пишува тој.
Филипче потсетува дека додека тој бил министер за здравство на приватните специјализанти им бил обезбеден месечан надомест од една просечна плата и платено здравствено осигурување.
„За разлика од политикантството на Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ, јас како министер и СДСМ обезбедивме уште во 2018 приватните специјализанти да добијат месечен надомест во висина на просечна плата, платени дежурства како и платено здравствено осигурување“ вели Филипче.