„Ќе бидам, ако ја добијам вашата доверба, претседател на сите и нема да правам делби по ниту една основа, ни по вера и нација, ни по политичко членство, ниту по социјален статус ниту по пол, апсолутно по ниту една основа. Кажете ми дали денес постои еден граѓанин на македонија кој ќе каже овој претседател ме дискриминираше затоа што не сум го гласал, зашто сум од незнам која етничка припадност. Почитувани, нема да најдете таква работа. Во моите 5 години се трудев на секого да му излезам во пресрет секого да го примам во мојот кабинет, на илјадници луѓе дома сум им дошол, да ги прашам какви им се проблемите, и секаде каде што сум можел сум помагал и честопати и надвор од моите надлежности. Тоа ќе продолжам да го правам ,ако ја добијам вашата доверба затоа што затоа што секој жител на Македонија го сметам како член на моето семејство,“ порача Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски на граѓанската трибина во Кавадарци.
Пендаровски на трибината зборуваше за двете најкрупни одлуки кои оваа политичка структура ги има донесено, влезот во НАТО алијансата и отпочнувањето на преговорите со ЕУ.
„Пред точно 4 години станавме формално членка на најсилниот воено политички сојуз на светот во кој членуваат 31 друга држава, тоа се најголемите економии, најголемите демократии и најсилните армии. После долги 17 години чекање конечно ги отворивме преговорите со ЕУ. Бевме на прагот после успешно завршениот скрининг и да ги завршиме преговорите за рекорден рок , за неповеќе од 4 години. Но за жал се соочивме со еден надворешен непријател и еден внатрешен опонент,“ истакна Пендровски , посочувајќи ги источниот сосед и опозициската партија во земјава.