25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска: Уметниците кои користат средства од Министерството за проекти во МКЦ ги советувавме да ги одложат за по изборите

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска била исконтактирана од уметници кои користат средства од Министерстото за култура за нивните проекти во МКЦ, откако беа отпуштени 30 хонорарци, што го успори работењето на установата.

Костадиновска вели дека за случајот како министерството немаат конкретен одговор, и МКЦ не е во нивна надлежност, па тоа е нешто коешто ќе треба Државната комисија за спречување на корупцијата да го одговори.

„Тоа се хонорарци кои работат месец за месец. Иако како што слушнавме директорот им ветил дека ќе им ги продолжи договорите по изборите, сепак има одредени проекти коишто се ставени во опасност оти треба овој период да се реализираат. Ги советувавме корисниците дека најдобро е за по изборите да ги одложат овие проекти, се разбора доколку е тоа возможно“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Со одлука на директорот на МКЦ, Арбен-Бени Шаќири, на 30 хонорарци од Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје не им беа продолжени договорите за работа, откако Државната комисија за спречување на комисија (ДКСК) доставила писмо со препорака до Центарот. Шаќири објави дека по завршувањето на изборите, хонорарците кои се неопходни за функционирањето на Младинскиот културен центар ќе бидат повторно работно ангажирани.

Шаќири наведе дека одлуката да не им го продолжи договорот на 30 хонорарци ја донел врз основа на известување од ДКСК, која сугерира во изборниот процес да не се потпишуваат договори што ќе го оштетат буџетот во согласност со членот 8-а од Изборниот законик.

Директорот тврдеше дека не станува збор за своеволна еднострана одлука за прекин на договорите, туку се работи почитување на законите.

Во МКЦ во моментот нема ангажирано лица за предавања во Планетариумот, за реализација на програмските активности (технички лица и орагнизатори на настани), кафулето е целосно затворено, затворена е и „Апотеката“, а киното „Милениум“ работи со преполовена дејност.